Омбудсманот со остра реакција до Собранието затоа што не ги донесе измените на Законот за народниот правобранител

Со недонесувањето на измените, велат оттаму, Народниот правобранител на Република Северна Македонија останува единствена институција во регионот без статус А, со што, според омбудсманот, директно се наштетува на нејзиниот углед и можноста за поголем ангажман во меѓународните организации каде членува

Народниот правобранител денеска преку писмено соопштение остро реагира откако Собранието вчера не ја разгледа и не гласаше за измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

Имено, измените на овој Закон беа една од точките на дневен ред на вчерашната 149. седница на законодавниот дом, неформално последна за овој состав на парламентот, но останаа неразгледани бидејќи, како што кратко беше кажано, амандманите не се преведени. Претходно во февруари и март предлог-измените ги поминаа филтрите пред надлежните собраниски Комисии,  за политички системи и односи меѓу заедниците и Законодавно правната комисија.

„Народниот правобранител искажува јавна реакција/незадоволство и е зачуден со каква леснотија парламентот на вчерашната 149. седница со буквално неколку збора (амандманите не се преведени), стави точка на можноста за донесување на измените и дополнувањата на Законот на народниот правобранител, кои имаа неколку цели“,

се наведува во реакцијата од Канцеларијата на Омбудсманот.

Со недонесувањето на измените, велат оттаму, Народниот правобранител на Република Северна Македонија останува единствена институција во регионот без статус А, со што, според Омбудсманот, директно се наштетува на нејзиниот углед и можноста за поголем ангажман во меѓународните организации каде членува.

„Имено, години наназад државата преку надлежните институции имаше обврска да создаде и законски претпоставки Народниот правобранител да може да биде Национална институција за заштита на човековите слободи и права, со стаус А бидејќи тоа произлегува и од повеќе меѓународни документи“,

велат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Оттаму посочуваат дека заради донесување на измените на Законот минатото лето во земјава престојувала и делегација на Европската мрежа на национални институции за заштита на човековите права (ENHRI) која остварила средби со сите релевантни чинители.  Нивното донесување предвидува имплементација на „Париските принципи“, кои се меѓународно утврдени стандарди за усвоени од Комисијата за човекови права при Обединетите нации.

„Овие принципи, пред се, ги дефинираат мандатот и надлежноста на националната институција за човекови права, нејзиниот состав и правната, оперативната и финансиската автономија/независност. Со недонесувањето на измените и дополнувањата на законот, Народниот правобранител на Република Северна Македонија остана единствена институција во регионот без стаус А, со што пак директно и се наштетува на нејзиниот углед и можноста за поголем ангажман во сите меѓународни организации каде членува“,

вели Омбудсманот.

Дел од точките на дневен ред на 149. седница на Собранието на РСМ / Фото: Принтскрин од веб-страницата на Собранието на РСМ

Со законските измени велат од Канцеларијата, се предвидуваше и можност Народниот правобранител да ги врши мандатите за следење на спроведување на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност на ОН и Факултативниот протокол и да дејствува како Национален известувач за трговија со луѓе и илегална миграција.

Овие два мандата институцијата со години ги врши без законска основа, а по барање на владата и нејзино ветување дека истите приоритетно ќе бидат законски нормирани бидејќи државата мораше да определи институција која ќе ги врши овие два мандата, согласно меѓународно прифатени обврски од ООН и Советот на Европа. Притоа, воопшто и не треба да се потсетува дека сите омбудсман институции во регионот ги изменија своите закони во оваа насока“,

се наведува во реакцијата од Канцеларијата на Народниот правобранител.

За потребата од изменување на Законот, додаваат оттаму уште во 2015 година во својот извештај посочил на германскиот експерт Рајнхард Прибе.

„А со оглед дека во меѓувреме беа направени само делумни и козметички измени, дополнително Европската Комисија и другите релеватни меѓународни организации укажуваа/препорачуваа државата доследно да ја доуреди законската рамка на институцијата“,

велат оттаму.

Дел од измените, се вели во реакцијата се однесуваа и на зголемување на мандатот на невладините организации кои треба да дејствуваат во рамките на Механизмот за граѓанска контрола, за чиј избор веќе неколку години во континуитет алармира и Советот на Европа.

„За крај, овие измени требаше да овозможат и имлементација на препораките на Европската комисија во делот кој што се однесува за независните регулаторни контролни и надзорни тела, вклучително и Народниот правобранител, а согласно кои треба да се осигури нивната независност и да се зајакнат нивните капацитети“,

велат од кај Народниот правобранител.

Бидејќи сè уште постои можност, оттаму апелираат до Собранието да ја продолжи 149. Седница и да бидат разгледан и донесен дополнителниот Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител.

- Реклама -