Петровска: Судот донесе одлука дека Ковачки неправедно ме клеветел

„Како што ветив, транспарентност од почеток до крај на процесот против изнесените лаги, клевети и навреди од страна на Драган Ковачки врз мене и сакам да ве известам дека Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги, односно неправедно ме клеветел во јавност со цел ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста“, напиша Петровска

Основниот граѓански суд Скопје пресудил во корист на министерката за одбрана Славјанка Петровска во парничната постапка против пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кого таа го тужеше за навреда и клевета.

Судот утврдил граѓанска одговорност од пратеникот Драган Ковачки и донел пресуда според која тој искажал невистини и лаги против Петровска. Одлуката на судот денеска на својот фејсбук-профил ја објави министерката Петровска велејќи дека го исполниле ветувањето за транспарентност од почеток до крај на процесот.

„Како што ветив, транспарентност од почеток до крај на процесот против изнесените лаги, клевети и навреди од страна на Драган Ковачки врз мене и сакам да ве известам дека Основниот граѓански суд во Скопје по сите прикажани докази од моја страна донесе одлука со која се утврдува дека тужениот Драган Ковачки искажал невистини и лаги односно неправедно ме клеветел во јавност со цел ми го наруши угледот и честа во очите на јавноста“,

напиша Петровска.

Овој, како што пишува Петровска, е само еден од низата примери на неодговорно, нечесно и валкано однесување на политичката сцена од страна на Ковачки.

„Секој го прави тоа што најдобро го знае, тие со лагите, јас со труд и одговорна и чесна работа“,

додава Петровска. 

Во пресудата е констатирано и дека тужителката Петровска се откажува од барањето за надомест на нематеријална штета во износ од 610 илјади денари.

За ваквата нејзина одлука Петровска напиша дека и претходно кажала „пари од нечесник не сакам“.

Одлуката на судот доаѓа откако министерката за одбрана Славјанка Петровска минатата година во ноември поднесе тужба за навреда и клевета против пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Драган Ковачки по неговите наводи дека таа поседува луксузна хациенда со базен во скопската населба Радишани и која министерката за одбрана ја крие од јавноста.

Ковачки тогаш на прес-конференција, а подоцна и од собраниската говорница мавташе со фотографии и документи тврдејќи дека има имотен лист на нејзино име и ја обвини дека истиот не го пријавила во анкетниот лист во Државната комисија за спречување корупција (ДКСК).

На ова Петровска уште тогаш му одговори дека обвинувањата се груба лага и манипулација. Имотот, кој бегалецот Ковачки го посочи, како што рече Петровска, никогаш не го поседувала.

„Единствено што поседував е плац кој со уредно склучени договори за купопродажба е отуѓен, односно продаден пред повеќе од 10 години“,

рече Петровска.

- Реклама -