Утре Ден на жалост во Русија, бројката на загинати се искачи на 143 лица

„Казната ќе ја сносат сите извршители, организатори и нарачатели, кои и да се. Ќе го казниме секој кој ќе застане зад терористите кои го планираа нападот врз Русија и нашиот народ“, вели Путин

Утрешниот ден во Русија ќе биде Ден на жалост, по вчерашниот терористички напад во кој, според последните информации, загинале 143 лица, но се стравува дека бројката ќе расте. Во меѓувреме се огласи и претседателот на Руската федерација, Владимир Путин.

Тој го нарече чинот „крвав и варварски“, а потенцираше дека напаѓачите, дел од нив уапсени околу 3 часот по полноќ, биле упатени кон Украина бидејќи им бил обезбеден премин.

„Како некогаш нацистите, мислеа да извршат демонстративна егзекуција. Казната ќе ја сносат сите извршители, организатори и нарачатели, кои и да се. Ќе го казниме секој кој ќе застане зад терористите кои го планираа нападот врз Русија и нашиот народ“,

изјави Путин.

Обраќање на Владимир Путин по терористичките напади во Москва на 22.03.2024

Рускиот претседател соопшти дека воведени се посебни мерки насочени кон борба против тероризмот со цел да се спречат нови напади. Како што рече, Русија се соочува не само со „внимателно, цинично планиран терористички напад, туку и со подготвено и организирано масовно убиство на мирни, беспомошни луѓе“.

„Сега најважно е да ги спречиме оние кои стојат зад терористичкиот напад да извршат нови злосторства“,

посочи Путин.

„Руската Федерација ќе ги идентификува и казни сите кои подготвија терористички напад. Терористите ги чека само одмазда и заборав. Тие немаат иднина. Заедничка должност на Русите сега е да бидат заедно, и така ќе биде. Никој не може да го разниша единството на руските граѓани“,

рече тој.

Безбедносните служби на Русија соопштија дека имало најмалку една експлозија во концертната сала во близина на Москва, по што избувнал пожар.

Руските служби на терен по терористичкиот напад во концертна сала во близина на Москва

РИА објави дека напаѓачите фрлиле граната или огнена бомба. Во пожарот, како што беше кажано, уништени се горните катови од зградата, а зафатена била површина од најмалку 13.000 квадратни метри.

Досега се уапсени 11 лица, меѓу кои и четири лица кои се осомничени дека директно учествувале во нападот.

- Реклама -