(ВИДЕО) Зошто владата на Џафери му дозволи на министерот Тошковски да ги смени сите освен началникот на СВР Тетово

„Еве јас ќе поставам прашање, нели целта на една техничка Влада е да се испочитува Законот за Влада и да се има некоја гаранција на целокупната територија во Македонија, или тоа не важи за Тетово и Гостивар, зашто Гостивар влегува под СВР Тетово”, вели министерот за внатрешни работи од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во изјава за „360 степени”

На нашите прашања зошто и како е донесена ваква одлука, од Владата ни одговорија: „Ве информираме дека на отворена владина седница не е дискутирано за прашањето од ваш интерес“. Ова би требало да значи дека за ова прашање е одлучувано на затворена седница, што Владата го користи како покритие да не даде коментар

По долги и исцрпни преговори во 2015 година, во резиденцијата на ЕУ во скопската населба Пржино и под покровителство на меѓународната заедница, тогашните власт и опозиција договорија план за излез од политичката криза предизвикана од масовното незаконско прислушување. Покрај формирањето на Специјалното јавно обвинителство, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА договорија пред изборите да се формира таканаречена пржинска или преодна влада. Во 2018 година Зоран Заев и Христијан Мицкоски се договорија таква влада да има пред секои идни избори за пратеници.

Моделот предвидува, на сто дена пред парламентарните избори да се формира кабинет со главна задача – да обезбеди услови за фер и демократски избори. Во него најголемата опозициска партија добива две клучни министерски места – во внатрешни работи и во труд и социјална политика, заедно со уште три места на дополнителни заменик-министри во финансии, информатичко општество и администрација и земјоделство. Министрите и дополнителните заменици во овие ресори одлуките поврзани со изборите ги носат со врзани потписи.

А бидејќи годинава е изборна, на 28 јануари беше изгласана и конституирана третата по ред техничка влада во земјава.

Јас и Владата што ќе ја предводам се обврзуваме да продолжиме со целосно, ефикасно и успешно спроведување на усвоените политики“,

рече премиерот на техничката Влада, Талат Џафери.

Талат Џафери, претседател на Влада

Во претходните наврати, техничките влади со себе носеа низа проблеми, препукувања и опструкции. Во 2020 г., на пример, тогашниот министер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наќе Чулев, беше во „отворена“ војна со техничкиот премиер Оливер Спасовски и со дополнителната заменичка Славјанка Петровска. Се памети и разрешувањето на министерката за труд и социјална политика, Рашела Мизрахи, чиј мандат траеше само еден и пол месец, бидејќи држеше прес-конференција пред знак на кој стоеше името Република Македонија, наместо новото уставно име.

Јас, како претседател на Владата и оваа Влада нема да дозволи никој да се поигрува со иднината на оваа држава и судбината на овие граѓани“,

изјави своевремено поранешниот технички премиер Оливер Спасовски.

Имајќи ги предвид случувањата од претходната техничка влада, беше чудно што првите недела или две од започнувањето на работата на актуелната, во јавноста немаше поголемо несогласување.

Но, во сенка на проблемите со замената на личните документи, се случи првиот поголем проблем. Министерот за внатрешни работи во техничката влада, Панче Тошковски, кој доаѓа од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека Владата му го ускратила законското право да изврши 15 разрешувања или распоредувања на носители на раководни позиции во МВР. Не му е прифатен предлогот за смена на началникот на СВР Тетово, што според Тошковски фрла огромна дамка на целиот изборен процес.

Aпсолутно е нејасно и правно неиздржано и никако не може логички да се објасни, освен со некои вакви претпоставки, зошто само СВР Тетово не треба да има двајца началници како сите други СВР кои треба да го гарантираат овој процес. Еве јас ќе поставам прашање, нели целта на една техничка Влада е да се испочитува Законот за Влада и да се има некоја гаранција на целокупната територија во Македонија, или тоа не важи за Тетово и Гостивар, пошто Гостивар влегува под СВР Тетово“,

вели Тошковски.

Панче Тошковски, министер за внатрешни работи

Тошковски веќе ги информирал ОБСЕ-ОДИХР и стратешките партнери за опструкциите и вели дека и тие изразиле сериозна загриженост поради немањето правно образложение од Владата за одбивањето СВР Тетово да влезе меѓу 15-те смени.

Нема никакво правно образложение за Владата зошто е неприфатливо да има гаранција на изборниот процес од страна на началник кој јас ќе го поставам од моја страна и од дополнителниот заменик министер, само за СВР Тетово. До ден денес немам добиено никакво правно образложение, а ми беше ветено“,

кажа Тошковски.

Но, ова е само една од одлуките за кои има несогласувања помеѓу министерот и Владата. Тошковски обвинува дека му се поништени околу 60 одлуки за поставување на лица на менаџерски функции во управните служби, а кои биле во рамки на закон, со што вели, Владата наместо да ги спроведува законите, работи селективно и по сопствено убедување. Имено, законот му овозможува на министерот да изврши и хоризонтални распоредувања до 10 отсто од просекот на распоредувањата во претходните две години.

Зошто Владата не прифати да биде сменет началникот на СВР Тетово? Каков е ставот по обвинувањата дека му е ускратено правото да врши хоризонтални поместувања? Ова се дел од прашањата кои ги упативме на адреса на Владата.

„Ве информираме дека на отворена владина седница не е дискутирано за прашањето од ваш интерес,“

информираа од Владата.

Ова би требало да значи дека за ова прашање е одлучувано на затворена седница, што Владата го користи како покритие да не даде коментар.

Минатата недела се појави и сериозно обвинување во друг ресор, за информатичко општество и администрација. Дополнителниот заменик-министер од ВМРО-ДПМНЕ, Стефан Андоновски, обвини дека во архивата на МИОА се антидатираат одлуки за вработување и за прераспределби.

За жал, на 15 февруари, спротивно со уредбата на Владата за архивско-канцелариско работење, член 15, се архивирани неколку одлуки за преземања кои се изработени на 15 февруари, а се архивирани како да се изработени на 14 февруари. Зошто е важен овој датум, затоа што на 14 попладнето се распишуваат изборите, со нивно распишување, веќе постапките за вработување во кои спаѓаат и преземањата мора да се стават во мирување ако се започнати, а нови не се започнуваат“,

изјави Андоновски.

Андоновски вели дека Владата на први декември минатата година споделила информација дека 2 500 лица треба да се вработат или прераспределат во соодветни министерства. Но, поради опсежните и долги процедури, целта не била постигната за сите. Поради тоа, вели Андоновски, власта прибегнала кон иновативен, но противзаконски начин за предизборно вработување.

Стефан Андоновски, дополнителен заменик-министер за информатичко општество и администрација

За вакви случаи станува збор и во различни институции. На пример, МНР има побарано согласност за измена на годишен план, но со мирување или со молчење на МИОА наместо негативно, заради доцнењето, тој всушност добива позитивно мислење поради молчењето на администрацијата. А тоа е затоа што, според моите сознанија, определени предмети кога се добиени на мислења, за да истечат тие 30 дена се чуваат во нечии фиоки во министерствата за да не може да се даде негативно мислење“,

рече Андоновски.

А токму во ова министерство, од почетокот на функционирањето на техничката Влада, дојде до смена на министерското столче откако се подели партијата Алијанса за Албанците. Екс-министерот Азер Алиу, кој во внатрепартиската битка го поддржа крилото на Арбен Таравари, беше разрешен од функцијата. На негово место дојде Наим Бајрами, од крилото на Зијадин Села.

Го побаравме Бајрами и тој првично се согласи да ни даде интервју. Но, на само неколку часа пред снимањето, го откажа, повикувајќи се на неодложни обврски.

Наместо тоа, писмено ни достави демант на обвинувањата на Андоновски во кој тврди дека не е запознаен со ситуацијата бидејќи бил именуван пред само неколку дена. Проверката на факти, сепак, говори дека Бајрами станува министер на 12 февруари, пред датумот на злоупотреби за кои обвинува Андоновски.

Ова е внатрешно прашање во Министерството, а имајќи предвид дека сме во предизборен процес, не сакаме да дозволиме да се манипулираат вработените за дневнополитички цели на штета на сите нас. Јас и мојот кабинет постапуваме стручно и транспарентно во секоја ситуација и остануваме на располагање за разјаснувања на какви било недоразбирања и неправилности“,

се вели во соопштението на МИОА.

Дополнително, вели, доколку постојат сомнежи, тие треба да бидат расчистени од институциите.

„Како министер, без исклучок, ја поддржувам работата на стручните служби на Министерството и се залагам ништо да не влијае врз нивната понатамошна работа за време на предизборниот процес. А доколку некој смета дека на било каков начин заверката на документи е неправилна, јавно ги повикувам институциите да проверат, докажат и соодветно да санкционираат“,

појаснуваат од МИОА.

Наим Бајрами, министер за информатичко општество и администрација

Покрај овие посериозни случаи, преку медиумите и на социјалните мрежи има повремени „препукувања“ и меѓу министерот за труд и социјала од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоко Велковски, и дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска. Но, има уште два и пол месеци до парламентарните избори.

Извор