(ВИДЕО) Зборци сакаат македонскиот јазик да се отвори за нови зборови и изрази

Една од основните цели на иницијативата е современите изрази на странски јазици кои, особено кај младите, влегуваат во говорот без превод, да добијат свои изрази на македонски јазик преку креативно зборообразување

На првата панел-дискусија на темата беа отворени и други прашања, како на пример тенденцијата македонскиот јазик да ги „заборава“ старите зборови од други јазици како турцизмите, но и инертноста по прашања како воведување на женски форми на одредени професии кои во моментов имаат именки само во машки род

Професори, лектори, преведувачи, студенти од Филолошкиот факултет, млади луѓе и други јазикољупци добија задача – да создадат нов креативен збор на македонски јазик.

Со скенирање кју-ар код со мобилните телефони, преку посебна апликација, учесниците ги испраќаа новокреираните зборови.

За неколку минути веќе беа преброени триесетина нови: очозборлив, психологинка, скитожелен, здравољубец, вселенар.

Првиот е опинионџија. Mоже да ми каже кој го напиша опинионџија? Ми се свиѓа. Убавија, да оструи- фати струја, зборољубец, дожди, убавеење,“

беа дел од креативните зборови.

Активноста беше дел од панел-дискусијата на тема „Зборообразување и новите димензии на македонскиот јазик“. Меѓу говорниците беше професорката Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ, која се осврна на неколку начини на збогатување на јазичниот фонд. Првата основа, според Јакимовска, може да бидат странските јазици во кои веќе постои збор за нешто.

„Во Гинисовата книга на рекорди според густината на значење содржана во еден збор или најзипуван збор е ‘мамихлапинатапеи’ од јазикот на народот на Тиера дел Фуего, најјужниот дел од Јужна Америка, којшто означува, сега верувам дека ќе го имате оној ‘аха’ момент – кога двајца се гледаат, секој од нив знае дека нешто треба да се случи или посакуваат да се случи, но никој од нив не сака да биде прв. Значи анторполошки гледано, ова е, не сакам да го употребам зборот доказ, бидејќи асоцира на ‘хард сајнс’ но, е еден знак, едно укажување на универзалноста на човековите чувства“,

рече Илина Јакимовска, професорка на Институтот за етнологија и антропологија, УКИМ.

Илина Јакимовска, професорка на Институтот за етнологија и антропологија, УКИМ

Меѓу потенцијалните извори на нови зборови професорката Јакимовска не ја заборави и вештачката интелигенција.

„Го прашав ‘Чет-џипити’, измисли ми сосема нов македонски збор. Тој ми одговори – сосема нов македонски збор е ‘мислоблиск’. Ова може да се користи за се опише некој што има склоност кон креативно мислење или кој врзува идеи и мисловни процеси,“

додаде Јакимовска.

Во дискусијата учествуваше и писателката Фросина Пармаковска која сподели дека честопати чувствува недостиг на зборови при пишувањето. Нејзините романи се базираат на идеи за ликови за чие градење требаат многу зборови.

„Сега некои што ми текнуваат, затоа што е прилично свеж последниот роман, се работи за еден лик кој што е подобен за создавање такви зборови, значи тоа е лик, внук на магионичар – копнеач кој закопнеа и докопнува, верувач, сакач, ѕвездопостилач, лик кој самува, баш го спомена професорката тој збор. Чезнеач и исчезнувач. Се трудам да придонесам со некои изведенки со зборови, со пополнување на тие празнини кои јас ги чувствувам кога пишувам“,

рече писателката Фросина Пармаковска.

Фросина Пармаковска, писателка

Пармаковска се осврна и на ригидноста на лекторите за употребата на одредени зборови во делата, наведувајќи ги турцизмите како пример.

„Ако зборуваме за зборообразување, во таа насока е и негување на некои подзаборавени зборови. Мислам дека македонскиот јазик го нема тој луксусз да заборава зборови зашто и онака ни е сиромашен речникот,“

посочи Пармаковска.

Професорката Славица Велева од Филолошкиот факултет при УКИМ не се согласува со оценката за сиромашност зашто, вели – ако одреден збор го нема во речникот, не значи и дека не е стандарден.

Не може да кажеме дека едноставно ќе легнеме и ќе чекаме некој збор да ни дојде или да го најдеме во речникот, како што ви кажав тој може едноставно да профункционира. Е сега во однос на функционалноста, односно слободата на креирањете во македонскиот. Работејќи на зборообразувањето во функционалните стилови, заклучокот е – колку еден функционален стил е поблизок до нормата или ограничен со нормата, таа креативност или слобода во создавањето е поограничена. Колку е подалеку или понеобврзан тој стил кон нормата, толку е креирањето, креативноста и слободата поголема“,

истакна професорката Славица Велева, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, УКИМ.

Славица Велева, Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ

На дебатата беше отворено и прашањето за јазичниот пуризам во Хрватска каде се бара хрватски неологизам за секој странски збор, па наместо метро велат подземница, за тачскрин – додирник и слично. Зошто македонскиот не го следи истиот пример?

Хрватите ја имаат таа традиција или тој процес за преведување, под синтагмата за заштита на хрватскиот јазик. Не ги сакам термините запазување, затоа што јаизкот ви е жив систем и тој природно отфрла туѓо тело и на некој начин ги филтрира формите. Не би рекла дека до тој степен треба да сме пуристи, но да се најде една рамнотежа. Не треба и се да се зема здраво за готово па да ‘селебрираме’ наместо да прославуваме,“

посочи Велева.

Во дискусијата се вклучија и дел од присутните во публиката. Помладите прашуваа дали може да се употребуваат конкретни зборови или за соодветен превод на странски.

Професорката по македонски јазик и лекторка Татјана Ефтимоска беше прашана за феминативите кај професиите.

„Јас застапувам еден малку можеби краен став или радикален, дека новото време едноставно бара жените коишто работат определени професии кои се дури и побројни отколку мажите – да имаат соодветен терминолошки назив. Па така, да речеме како што зборуваме и порано сме зборувале за робинка, слугинка, домаќинка, денес можеме да зборуваме  или можеме  да дебатираме за тоа, дали жената психолог ќе биде психологиња, психологинка, или можеби нешто трето, дури и психолошка, што на луѓето не им се допаѓа многу бидејќи нели се совпаѓа со придавката, ама имаме нели многу такви примери каде употребата на женскиот род во професијата се совпаѓа со придавката, па имаме работничка или наставничка“,

порача Татјана Ефтимоска, лекторка и професорка по македонски јазик.

Татјана Ефтимоска, лекторка и професорка по македонски јазик

Заклучоците од дебатата се движеа во насока на тоа дека времето ќе ги покаже новите димензии на македонскиот јазик, но и дека не треба да се практикува „јазична дембелаана“ – фраза на Блаже Конески за лесно и некритичко прифаќање на сите странски зборови како стандардни во нашиот јазик.

Ова што сега го имаме, ова што сега се случува и во иднина што ќе се случува, уверена сум дека ќе следиме и ќе слушаме. Имаме нови грижливи љубители на јазикот кои ќе се обидат да направат формат кој што ќе го доближи чистиот македонски јазик, убавиот, креативниот, не само до нив како генерација, туку и до оние кои што доаѓаат по нив“,

порача Тамара Ќупева, научна соработничка на Институтот за македонска литература.

Тамара Ќупева, научна соработничка на Институтот за македонска литература

На настанот присуствуваа многу млади луѓе, какви што се и иницијаторите на дебатата – Виктор Бучковски, правник од УКИМ и Игор Антов кој е на постдипломски студии по политички науки во Германија. Идејата им дошла спонтано, делумно исфрустрирани од пречестата употреба на англиски зборови при нивните интерни муабетења. Сепак, не ја прифаќаат тезата дека македонскиот е сиромашен јазик.

Ние недоволно сме креативни на македонски јазик, бидејќи јас не се сеќавам пред професорката мене некој да ми објасни дека од збор до збор Гане Тодоровски направил 35 збора, значи само од еден збор, што останува тогаш за другите зборови?! Така што не би се согласил дека е сиромашен туку дека не сме доволно креативни, а тоа е нешто што се менува“,

вели Виктор Бучковски, иницијатор на настанот.

Виктор Бучковски, иницијатор на настанот

Кога човек подолго време живее во Германија, додуша веќе првиот месец кога го владее јазикот на едно високо ниво, може да ги воочи тие сличности за тоа како јазикот го отсликува германскиот систем. И воден од тоа сознание, не можев барем јас лично да не направам паралела со нашето општество дома и така природно, барем кај мене, се роди идејата како да го збогатиме македонскиот јазик. Како да го направиме поатрактивен не само во пишаниот говор туку и во секојдневниот говор, пред се пред младите но не само. Се разбира, тоа е процес којшто ги опфаќа сите генерации“,

рече Игор Антов, иницијатор на настанот.

Игор Антов, иницијатор на настанот

Игор и Виктор планираат да продолжат со активностите за да ја популаризираат, па и да ја формализираат идејата за кревање на свесноста дека е голем  потенцијалот за креирање нови зборови во нашиот јазик, кој, како што велеше Конески, е единствената наша татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште.

Извор