(ВИДЕО) „Преку глава ми е од корупцијата“ во Кичево и Крива Паланка

Групата од неколку организации која настапува под името „Граѓаните против корупцијата“ ги продолжува своите активности – директно да ги запознае граѓанити што можат да преземат ако се соочат со корупција

Кичевци се жалат на т.н. ситна корупција. Според нивните сведоштва искажани во кампот организиран од програмата „Граѓаните против корупцијата“, тешко се завршува работа по институциите без да се даде барем мал подарок.

„Јавна тајна е дека во Македонија царува корупцијата. Сите што можеле да го искористат моментумот да бидат некој и нешто со туѓи средства и пари тоа го искористиле.“

„Ми се има случено и тоа многупати, не еднаш. Посебно во Кичево, да ти заврши некој работа, во тесно си, мора нешто да му фрлиш под рака или да му кажеш – ела на вечера да те однесам, па така да те услужи.“

„Корупцијата не може никаде да се уништи, но во Кичево немало толку корупција. Јас лично на своја кожа и моето семејство не сме чувствувале корупција.“

„Корупцијата почнува од нас. Луѓето ја прават корупцијата. Не ја прави општината, не ја прави државата, туку луѓето.“

рекоа жителите на Кичево со кои поразговаравме.

Фото: „360 степени“

Што е мито, а што интегритет? Каде се пријавува, како да се реагира? Ова се само дел од нештата што граѓаните можеа да ги научат на тема корупција.   

„Идејата е да почнеме да го менуваме менталитетот од самите нас и токму заради тоа идејата е да подарите вакви картички за благодарност наместо да дадете подарок кај доктор, кај наставничката или кај јавниот службеник“,

рече Снежана Камиловска-Трповска од МЦМС.

Фото: „360 степени“

Граѓаните се информираа и тоа на креативен начин. Решаваа крстозбор со поими поврзани со корупција. За успешно решениот крстозбор следуваше подарок – маичка, но и покана да се пријави случај на корупција кај претставниците на медиумите, ако граѓаните имале такво искуство.

„Да ви кажам корупцијата е во сите пори. Кај млади, кај стари, до службеници во општина.“

– Здравство?

„Во здравството не знам. Тоа е на републичко ниво, ама на ниво на општина… Страшно нешто, страшно нешто.“

рече еден граѓанин.

За новинарката Сашка Цветковска, ова е еден од начините граѓаните да се охрабрат да пријават корупција, а невладините организации и медиумите да им го овозможат тоа.

Сашка Цветковска – Истражувачка репортерска лабораторија ИРЛ / фото: „360 степени“

„Граѓаните доаѓаат, сакаат да комуницираат, ги интересира што работиме. Не е најидеално. Граѓаните исто така изгубиле доверба во институциите но не само во државните, и во невладиниот сектор и во нас медиумите и со право. Може да се каже, можеби не некој од нас поединечно, но 30 години пофрлија граѓанските организации и медиумите да им кажат на граѓаните што се случува и еве сме сега да ги поправиме штетите, да ја поправиме таа доверба и, да, имаме такви прашања, се обидуваме да образниме кои се нашите намери и да им објасниме како тие можат да ни помогнат заедно да придонесеме за, како што реков, да се случат долгорочно значајни политички промени“,

рече Сашка Цветковска – Истражувачка репортерска лабораторија ИРЛ.

Група средношколци од Кочани изведоа неколку драматизации на тема коруптивно однесување. Во едната беше прикажан различен однос на професорка кон различни ученици. Во друга ситуација, група млади разговараа за потешкотиите при вадењето нов пасош.

Од Македонскиот центар за меѓународна соработка велат дека за корупцијата јавно се зборува, но прашањето е како да се спречи и санкционира. 

Александар Кржаловски – директор на МЦМС / фото: „360 степени“

„Кај нас треба што повеќе да се пријавуваат и процесуираат и да има институционален одговор, односно да има процесуирање на тие случи и да има казни за сторителите на коруптивни дела или криминални дела. Ако велиме дека на секој трет му било побарано, тоа се половина милион луѓе, нели ако според пописот сме милион и осумстотини, значи на 500-600 илјади луѓе им било побарано мито и толку дале, а има помалку од сто случаи годишно во обвинителството за корупција и помалку од десет пресуди. Значи има голема разлика тука и мора обвинителството поактивно да делува“,

вели Александар Кржаловски – директор на МЦМС.

Кампот го посети и делегација на УСАИД предводена од претставничката на канцеларијата во Македонија, Џери Дајбл. УСАИД е поддржувач на проектот, а со тоа и на борбата против корупцијата во земјава.

„Преку глава ми е од корупцијата“ и во Крива Паланка

Корпата со класичните подароци за некој да ти заврши работа беше главниот симбол и во кампот „Преку глава ми е од корупцијата“ што следниот ден беше поставен во Крива Паланка.

Фото: „360 степени“

„За некои да речеме ситни поклончиња – кафе или бонбониера, дека треба да се заврши работа во одредени институции сега не сакам да именувам, тоа да, а за поголемата корупција немам некој посебен став, тоа е тоа, реалност.“

„Корупција врие секаде не само во Крива Паланка. Каде и да отидеш, ако не дадеш не можеш да завршиш работа.“

„Треба сите да се трудиме, да се бориме да се намали корупцијата.“

рекоа жителите на Крива Паланка со кои поразговаравме.

Жители на Крива Паланка беа љубопитни да дознаат каква активност има на нивниот плоштад.

Фото: „360 степени“

„Освен за каде да пријавите корупција до која институција во Скопје и тоа може да го направите анонимно по меил или телефон, може да се информирате денеска и за јавните набавки во вашата општина, како се трошат и зошто е важно да ги следиме“,

рече претставничка на МЦМС.

Се покажа дека кривопаланчани се доста упатен во термините поврзани со корупцијата. Десетици граѓани го решија крстозборот.

Новинарите, пак, добија индиции за потенцијални истражувања на тема корупција, кои треба да се проверат.

– Имате ли да пријавите коруптивно делување на политички елити во Крива Паланка? Има ли корупција?

„Па треба да има. Па за вработување. Ако сакаш да бидеш полицаец мора да дадеш пет илјади евра“,

рече еден граѓанин.

Фросина Димевска – новинарка во „Призма“ / фото: „360 степени“

„Несомнено сите имаат ист идентичен впечаток дека корупцијата е главниот проблем во општеството. Кога е во прашање тоа каде ја детектираат главната корупција имаат општи одговори од типот – сите се корупмирани, владата е корупмирана, администрацијата е корумпирана и ретко кој од нив се охрабрува да посочи конкретно име и презиме и конкретен личен пример со кој бил соочен и бил проморан да даде мито или корупција за да му се заврши некаква работа за која нема потреба да дава пари“,

вели Фросина Димевска – новинарка во „Призма“.

Организаторите на настанот сметаат дека ова е начин на граѓаните да им се докаже она во што сè уште не веруваат.  

Јелмаз Дервиши – „Граѓаните против корупцијата“ / фото: „360 степени“

„Дека на крајот на денот, доколку ние се обединиме – граѓанскиот сектор, медиумите и приватниот сектор, заеднички сметам дека можеме да придонесеме особено во охрабрувањето на граѓаните бидејќи само така можеме да се надеваме на некакви промени“,

рече Јелмаз Дервиши – „Граѓаните против корупцијата“.

Фото: „360 степени“

Во еден момент во кампот во Крива Паланка се појавија претставници на СДСМ – но не за да пријават корупција туку затоа што сосема случајно, во непосредна близина, имаа партиски настан.

Извор