(ВИДЕО) Тестиравме – дали Грција навистина прави проблем за сообраќајните дозволи со Северна Македонија зашто имаат код МК

Поминавме два грчки гранични премини. Едниот со земјава, Богородица, а другиот меѓу Грција и Бугарија, Кулата. Во земјава се вративме на преминот кај Делчево. Целта беше да провериме дали се точни гласините дека по 12 февруари се бараат на увид и документи кои обично не ги бараат пограничните власти на овие земји и дека грчката полиција прави проблем за кодот МК на сообраќајната дозвола, иако на неа стои новото име Република Северна Македонија

Од Скопје тргнавме кон граничниот премин со Грција – Богородица. Целта е од прва рака да провериме дали има вистина во гласините дека, иако се патува со документи со новото уставно име Република Северна Македонија, сепак се појавуваат проблеми на граничните премини поради кодот МК или МКД испишан во документите.

Намерата ни е да поминеме околу 530 километри и низ три граници – македонско-грчката, грчко-бугарската и бугарско-македонската.

Пасош, сообраќајна дозвола, лична карта и возачка дозвола се документите што ги понесовме, а се новото уставно име Република Северна Македонија.

Табличките на автомобилот ни се со NMK – код кој е предвиден само за регистарските ознаки. Договорот од Преспа е јасен во овој дел:

„Кодот за земјата на регистарските таблички на возилата на Втората страна ќе биде НМ или НМК. За сите други намени, кодот на земјата останува да биде МК и МКД, како што е официјално определено од Меѓународната организација на стандардизација (ИСО)“,

стои во Преспанскиот договор.

На граничниот премин Богородица немаше гужва. Почекаме неколку минути во кратка колона и се најдовме пред шалтерот.

Граничен премин Богородица / фото „360 степени“

Македонскиот полициски службеник го прашавме дали е точно дека неговите грчки колеги прават проблем поради кодот МК на сообраќајните дозволи иако се со новото уставно име Република Северна Македонија. Тој ни кажа дека таков проблем имало на 13 февруари, но потоа сè се средило и дека сè тече во најдобар ред.

Сепак решивме сами да се увериме во тоа. Продолживме кон грчкиот премин Евзони. Таму во тој момент беше уште потивко, со слаб проток на возила. Грчкиот полициски службеник ни ги провери само пасошите. Други документи не ни побара, каква што беше всушност често и досегашната пракса.

Граничен премин Евзони / Фото: „360 степени“

Нашето искуство на грчката граница беше вакво наспроти информациите дека Грците почнале да ги проверуваат и сообраќајната и возачката дозвола што не го превеа до 12 февруари. На нашиот пример, се покажа дека не е така.

Рутата пред нас е долга стотина километри, од Евзони до Кулата – граничен премин меѓу Грција и Бугарија. Стигнавме за околу час и половина. Нè пречека долга колона камиони и нешто помалку автомобили. Преминот е заеднички на Грција и на Бугарија, а ќе се затвори на 31 март кога Бугарија ќе влезе во Шенген и практично ќе нема граница меѓу овие две земји. За разлика од претходниот премин, овде проверките траеја подолго. Чекавме дваесеттина минути.

Граничен премин Кулата / фото: „360 степени“

Кај Грците само пасоши, но кај Бугарите со детална контрола. За разлика од грчките, бугарските власти за влез во Бугарија ни побараа цел сет документи, освен возачка дозвола. На списокот, покрај пасошите, беа сообраќајна дозвола и зелен картон.

Следна рута е од Кулата, преку Благоеврад до граничниот премин Делчево. Пред нас се околу 105 километри.

На оваа граница има градежни зафати, но сепак нема гужва. Влеговме во Македонија. И на последниот граничен премин што го поминавме не наидовме на никакви проблеми. И македонските и бугарските власти ни побараа само пасоши и сообраќајна дозвола.

Граничен премин Делчево / фото „360 степени“

Успеавме во еден ден да поминавме над 530 километри и три граници.

Се покажа дека со документи со новото уставно, нема проблеми при патувањето во соседните држави кои се членки на ЕУ. Се разбира, ако сте успеале да ги извадите.

Извор