(ВИДЕО) Тестиравме – дали во Србија и во Косово може да се влезе со лична карта со старото уставно име

Пред само неколку дена, Министерството за внатрешни работи соопшти дека на граѓаните со стара лична карта ќе им биде дозволен излез од земјава кон Србија, Косово и Албанија – држави со кои за премин преку граница не е потребен пасош, туку само лична карта

Направивме мини-балканска турнеја Скопје-Прешево-Урошевац-Скопје при што преминавме три граници, меѓу кои и граница меѓу Србија и Косово, само за лично да тестираме – дали има проблеми при патување со стара лична карта

14 февруари 2024 година. 8 часот наутро. Едниот со стари, другиот со нови документи в џеб тргнуваме на кратка тура низ соседството за да провериме – дали ќе може да патуваме низ Србија и Косово.  На пат кон граничниот премин Табановце, колегата Хекуран Акифи, кој е жител на Куманово, направи уште еден обид да си ги подигне новите документи. Без успех. Личната карта и пасошот се уште не биле готови.

360°:Уште не ми е готова личната карта, ќе тргнеме со старава да пробаме“?

Продолживме кон Србија. Пред граница застанавме на кратко за да направиме последна проверка на документите. Сообраќајната дозвола ни е со новото уставно име на државата.

360°:Ти имаш со Северна, мене личната карта ми е без Северна. Сообраќајната е со Северна, добро тогаш, ајде“,

На граничниот премин немаше голема раздвиженост, па по кратко чекање дојде и нашиот ред. На полицијата од македонска страна и ги приложивме потребните документи – сообраќајна и пасош со називот Република Северна Македонија, но и лична карта со старото уставно име – Република Македонија.

Службеничката процедурално ги провлече документите на скенерот без разлика што личната карта го немаше уставното име, па затоа ја прашавме дали ќе имаме проблем на српска страна.

360°: Ќе ме пуштат со стара лична карта?

Да, до каде одиш?

360°: Прешево, а што за негде друго нема да ме пуштат?

Со пасош нема да те пуштам ни јас.

360°: Ни вие нема да ме пуштите со стар пасош?

Не.

360°: А со лична карта – да?

Да, само нема да те пуштат ако потоа излегуваш од Србија. Нема да ве пуштат во Хрватска.

360°: А на Косово ако одиме преку Србија ќе не пуштат?

На Косово – да.

Службеничката од српска страна, пак, само ги потврди работите со кои веќе не запозна нејзината колешка од македонска страна.

360°: Извинете, да Ве прашам, до кога ќе ни ги примате личните карти?

Со лична карта може, а со пасош не може.

360°: Не може со пасош, а со лична карта може, така?

Да.

360°: А до кога можеме – до крајот на годината или…?

Не знам, ништо не знам.

Нашиот тест покажа дека сите граѓани кои ги немаат заменето личните карти се уште без проблем можат да влезат во соседна Србија. До кога ќе може така, службениците на терен не знаат. За да не оставиме на случајност, следна дестинација преку Прешево ни беше Косово.

До граничниот премин „Мучибаба“ помеѓу Србија и Косово се стигнува преку тесен планински пат. На граничниот премин, освен службениците, имаше и по некој „гастербајтер“.

И тука добивме одговор како и на македонско-српската граница. Влез во земјата со лична карта со Република Македонија е дозволен, но не и со пасош со старото име.

360°: Добар ден.

Полицаец: Добар ден.

360°: Нема некој проблем што сум со стара лична карта?

Полицаец: Како мислиш?

360°: Па, не ми е со Северна Македонија, само Македонија.

Полицаец: Дали има важечки рок?

360°: Да, да има.

Полицаец: Е, па добро, штом има рок – ок е.

Од косовскиот службеник го слушнавме истиот одговор.

360°: Добар ден.

Полицаец: Добар ден.

360°: Да ве прашам, со стара лична карта со старото име може да поминам?

Полицаец: Да.

360°: А со стар пасош?

Полицаец: Со стар пасош не.

Полицајец: Каде одите?

360°: Урошевац.

Од влезот на Косово, преку Гнилане и Урошевац по еден час возење по регионалниот пат и по автопатот „Арбен Џафери“ стигнавме до последната граница која зацртавме да ја поминеме. Преминот „Блаце“ за влез во Македонија.

Како и претходно, така и сега, освен стандардната рутинска контрола, никој не ни коментираше за документите. Но, научивме една друга работа.

360°: Добар ден.

360°: Да ве прашам – со стар пасош дали ќе ме пуштите да влезам во државата?

Полицаец: Да влезеш – да, а да излезеш – не.

Полицаец: И да влезеш ако си излезен од Македонија пред да се донесе законот.

360°: На пример, еве денеска сум излезен од Македонија нема да ме пуштите?

Полицајец: Не.

Нашата мини-балканска турнеја траеше четири часа. Се вративме дома без никаков проблем и без застој на ниту една граница од земјите кои одлучивме да ги посетиме со стара лична карта на која стои името Република Македонија.

Извор