(ВИДЕО) Студенти од УКИМ со првиот македонски болид на светски натпревар

Кога ќе се спомне Формула, првата асосцијација за љубителите на трки во земјава се телевизиските преноси, зашто малцинство се оние што можат да си дозволат лично да бидат на трибините на таков натпревар

Но, во зградата на Машинскиот факултет, работи една група студенти чии соништа одат многу подалеку. Го прават првиот македонски болид надевајќи се дека тоа ќе ги одведе до конструкторските и механичарските тимови во Формула 1

Првиот македонски тркачки автомобил во стилот на Формула 1 е на пат да излезе од лабораторијата на Машинскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Тимот Macedonian engineering students составен од дваесетина студенти од различни насоки на техничките факултети околу една година работи на создавање на болидот.  

Со возилото тие првпат ќе учествуваат на „Формула студент“ – глобален натпревар кој се одржува на дисперзиран начин во 22 земји. Целта му е да ги поттикне студентите да дизајнираат, конструираат и да се натпреваруваат со тркачки автомобили.

Димитар Алажуроски – студент на Машинскиот факултет, Мехатроника

„Ова е моторот што ќе го погонува нашето возило. Се работи за четиритактен мотор од мотоцикл, конкретно од марка ‘Јамаха’. 600 кубика е моторот, тоа е неговиот работен простор. Поради натпреварувањето имаме некои помали промени што мора да ги направиме за да може да учествуваме затоа што натпреварувањето е инженерство, не е само да се купат делови, да се склопат и да се оди. Треба некои пречки да се надминат“,

вели Димитар Алажуроски – студент на Машинскиот факултет, Мехатроника.

На натпреварот учествуваат околу 600 универзитети. За да се квалификуваат, македонските студенти поминале тестирање.

Ивана Здравковска, Георги Камчевски и Паола Укајдари – дел од тимот Macedonian engineering students

„Нашиот тим ја освои позицијата во една од државите каде што ќе се одржува, а тоа е Хрватска. За таа цел полагавме квиз на кој се натпреварувавме со универзитети од повеќе држави главно од Балканот и освоивме солидна позиција како за прва година. Од 41 универзитет нашиот беше на 20. место“,

вели Ивана Здравковска – студентка на Машинскиот факултет, Енергетика и екологија.

До август, кога се одржува натпреварот, вака треба да изгледа крајниот производ.

„Моментално ни стигаат сè повеќе и повеќе делови што треба да ги склопиме. На пример, во мојот дел, тимот кокпит, сега го изработуваме воланот. Јас како индустриски дизајнер треба да го дизајнирам обликот и изгледот на воланот, а тимот електро ми помагаат каде треба да ги поставам копчињата, колку копчиња ќе бидат потребни и дисплејот“,

вели Паола Укајдари – студентка на Машинскиот факултет, Индустриски дизајн.

„Битни делови на кои работам се безбедносните системи во колата. Ако нешто се случи, да има проблем во колата, возачот мора да биде известен. Работам на дисплејот за да види колку му е брзината на движење, колку гориво има преостанато, дали има некој проблем, во која брзина се наоѓа. Тоа се информации кои се битни за возачот, меѓутоа преку електроника морам да му ги кажам на возачот“,

вели Георги Камчевски – студент на Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Натпреварот има статички и динамички дел. Во статичкиот студентите се натпреваруваат со начинот на дизајнирање на возилото и буџетот што го имале на располагање. Колку возилото е поквалитетно направено, а со помалку пари, толку повеќе бодови се добиваат. Барем тука нашите студенти, по малку на шега, велат дека имаат предност.

Динамичкиот дел, пак, е во форма на трка во која се оценува издржливоста и забрзувањето на возилото.

„Многу тимови од соседните земји ни имаат кажувано дека биле четири-пет години само со статичкиот дел, додека не го направиле болидот. Ние доколку стигнеме да го направиме болидот во првата година од учеството, сите ни кажаа дека ќе биде нешто што никој претходно не го направил“,

вели Паола Укајдари – студентка на Машинскиот факултет, Индустриски дизајн.

„Нам цел ни е нешто што ќе може да се развива во иднина затоа што овој прокт ќе остане дефинитивно, нешто што е ефикасно во однос на пари и нешто што е одржливо. Тоа ни е целта за првата година – темелите да се поставени. Потоа во оваа лабораторија дефинитивно повеќе ќе се развива проектот“,

вели Димитар Алажуроски – студент на Машинскиот факултет, Мехатроника.

Во целиот проект студентите гледаат можност да ја претстават својата земја, но и потенцијал за личен развој.

„Искрено, ова искуство јас го гледам како отскочна даска. Ако успееме, кога ќе дојдеме на натпреварувањето, таму има вработени во Формула 1. На пример, во ‘Мерцедес’ тимот. Доаѓаат, гледаат и можат да нè видат нас, како студенти, дека работиме, дека сме заинтересирани за ова, се справуваме со секакви предизвици и тие можат да нè земат да работиме за нив“,

вели Паола Укајдари – студентка на Машинскиот факултет, Индустриски дизајн.

Нивниот ментор смета дека е добро што студентите добиле солидна поддршка од приватните фирми, но нагласува дека секоја дополнителна донација е добредојдена. Порачува државата редовно да го препознава потенцијалот на квалитетните млади кадри.   

Даме Димитровски – професор на Машинскиот факултет

„Се надевам дека државата организирано ќе почне да помага вакви настани. Да не биде само од случај на случај или од група студенти на група студенти, туку ќе имаме организираност и ќе ги мотивираме студентите повеќе да се организираат во вакви натпреварувања, во вакви проекти. Да изнајдат нови начини како да создаваат нови знаења. Сепак иднината на државата или иднината на просперитетот на нашата држава зависи од тоа како ќе создаваме нови знаења и иновации“,

смета Даме Димитровски – професор на Машинскиот факултет.

Студентите се надеваат дека, сепак, ќе стигнат да го завршат нивното возило за годинашниот натпревар. Нивниот сон е некогаш, барем некој од нив да биде дел од врвните тимови на престижната Формула 1.

Извор