(ВИДЕО) Добивме право на копија од договорот со „Бехтел и Енка“, ама ЈПДП и натаму не го дава

Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер го задолжи Јавното претпријатие за државни патишта да ни го даде договорот за изградба на автопатите од коридорите 8 и 10-д, кој Владата тврди дека е таен. И покрај конечното решение на второстепениот орган, имателот на информацијата одбива да го даде документот

Директорот на ЈПДП, Ејуп Рустеми, вели дека во договорот со „Бехтел и Енка“ има клаузула која не дозволува објавување на договорот без согласност на американско-турската фирма. Додава, согласност барале и кога Јавното обвинителство го побарало документот

Датумот е 23 април 2021 година. Во емисијата „360 степени“ гостува министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Меѓу темите на разговор е, во тој момент, свежо потпишаниот Меморандум со американската компанија „Бехтел и Енка“, за изградба на автопатски делници од коридорите 8 и 10-д.

Бочварски е соочен со критиките од дел од експертите и невладиниот сектор дека постапката води кон договарање во четири очи, што е спротивно на Законот за јавни набавки. Тој возвраќа – што и да се случи како последица од Меморандумот, законот за изградба и договорот за изградба ќе бидат донесени во транспарентна процедура.

Благој Бочварски, министер за транспорт и врски (април 2021 г.)

И тие двата треба да завршат во Собранието, ќе се отворат пред пратениците, пред опозицијата, ќе се разговара со сите страни и апсолутно не смее да има ништо скриено за да не се доведеме во ваква ситуација, да се прават паралели кои се за мене недозволиви, во дел на кинеските, како што ги нарекувате, случаеви, кредити и сега оваа ситуација“,

изјави министерот за транспор и врски Благој Бочварски во април 2021 година.

Договорот кој требаше да се отвори, стана таен

Датумот кога се настанати овие снимки, пак, е 8 март 2023 година. Близу две години откако министерот Бочварски тврдеше дека Меморандумот може и не мора да значи ништо, Владата потпиша договор со „Бехтел и Енка“.

Од потпишувањето на договорот со „Бехтел и Енка“ (8 март 2023 г.)

Изградбата на автопатите, беше кажано, ќе чини околу 1,3 милијарди евра. Усно, беа споделени уште неколку детали, но не и писмено.

Растеше притисокот да се објави договорот. И тогаш, на 12 април, вицепремиерот Артан Груби, свика брифинг за новинарите. Покрај него беа министерот за транспорт и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Од брифингот во Министерството за политички систем (12 април 2023 г.)

На тој брифинг, во зградата зад мене, ни беа кажани две клучни работи. Дека договорот е прогласен за таен, што значи дека Владата нема намера да го објави. А потоа и дека цената на автопатиштата може да испадне поскапа од првично соопштената, ако земјава итно не смени неколку закони кои ќе ја забрзаат постапката.

И покрај ставот на Владата да не го објавува договорот, „360 степени“ не се откажа од намерата да го добие по институционален пат. Пред сѐ, затоа што во прашање е огромна сума јавни пари.

Правна битка

Еден од тие обиди беше документот да го обезбедиме преку Законот за пристап до информации од јавен карактер.

Првото одбивање на Барањето за договорот со „Бехтел и Енка“ од страна на ЈПДП.

По нашето првично барање, Јавното претпријатие нѐ одби речиси без образложение, иако ни го „усвои“ барањето. Едноставно – договорот не бил информација од јавен карактер.

Се жалевме до второстепениот орган, Агенцијата за заштита на пристапот до информации од јавен карактер, која го поништи првостепеното решение и предметот го врати на повторно разгледување.

Во повторената постапка Јавното претпријатие повторно одби да ни ја даде информацијата. Овојпат решението беше донесено врз основа на т.н. тест за штетност. Во него, меѓу другото, се велеше дека:

„Откривањето на бараната информација може да го доведе во прашање извршувањето на договорот, а со тоа и реализацијата на стратешкиот интерес на државата…“

и дека:

„Заштитениот интерес е неспорно утврден врз основа на член 1 од Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер… за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридор 10-д“

Фактот што во цитираниот закон никаде не се споменува тајноста на договорот беше една од основите за повторно да се жалиме до Агенцијата.

Решението на Агенцијата за пристап до информации од јавен карактер со кое се задолжува ЈПДП да го достави договорот со „Бехтел и Енка“

Второстепениот орган повторно ги уважи нашите аргументи и овојпат освен што го поништи решението на Државни патишта, туку и го задолжи јавното претпријатие да ни го даде договорот.

ЈПДП одбива да постапи по второстепено решение

Но, јавното претпријатие повторно одби да го направи тоа, иако ги задолжи второстепен орган со конечно решение.

Зошто, го прашавме директорот Ејуп Рустеми. Дознавме дека државата се обврзала да не го дава договорот без одобрение на „Бехтел и Енка“, па дури и кога документот го барало Јавното обвинителство.

Ејуп Рустеми, директор на Јавното претпријатие за државни патишта

Ејуп Рустеми: Вака. Јас како директор на Јавното претпријатие за државни патишта сум потписник на тој договор. Но, тој договор беше донесен од страна на Влада. И потписници на тој договор сме јас и министерот за транспорт и врски и „Бехтел и Енка“. Во договорот има една клазула каде што вика дека ова е деловна тајна и за да се објави овој договор, треба да се согласи и партнерот, што е „Бехтел и Енка“ и Владата. „Бехтел и Енка“ вика, ние не се согласуваме овој договор да биде објавен и договорот што го имаме доставено до Јавното обвинителство, бидејќи Јавното обвинителство отвори постапка за потпишување овој договор, ние побаравме одобрение од „Бехтел и Енка“ и „Бехтел и Енка“ дадоа согласност ние да го доставиме до обвинителството. Исто така, и Државниот завод за ревизија бараше согласност да го разгледа договорот што го потпишавме ние и „Бехтел и Енка“. Ние побаравме мислење и од Влада и од „Бехтел и Енка“. И ние постапуваме според договорот што го имаме потпишано. И во договорот што го имаме потпишано ја има клаузулата каде што партнерот вика дека договорот не смее да биде објавен бидејќи таму има, како се формираат цените на градба и ред други работи. Но, исто така, кога сме тука, јас сакам да… и порано сум го кажал ова, бидејќи другите договори што ги имаме потпишано ние преку процедурите со Европска банка и преку процедурите на Светска банка, и тие договори не се објавуваат. Тие договори не се јавни. Тие договори се помеѓу потписниците на договорите и процедурите кај, на пример, Европска банка или кај Светска банка.

360 степени: Ве разбирам. Но во овој случај, тело коешто цени дали еден договор треба да биде јавна информација е Агенцијата за заштита на правото на пристап до информации од јавен карактер. Вие сметате дека не треба да ја послушате?

Ејуп Рустеми: Ние, бидејќи… ние треба, прво, да го почитуваме договорот што го имаме потпишано. Во договорот што го имаме потпишано има клаузула каде што ние не смееме да го објавиме еден документ.

360 степени: Значи, договорот е над овој државен орган.

Ејуп Рустеми: Не се согласувам. И во тој… кога ги гледаш овие обврски кои ги имаш преземено ти како потписник на овој договор, мора да го почитуваш тоа. И ние го потпишуваме договорот кој го имаме потпишано.

360 степени: Но, не ја почитувате Агенцијата?

Ејуп Рустеми: Сега, ние бараме… ние ја почитуваме Агенцијата. Ние ја информиравме и Агенцијата за договорот, дека треба да дава согласност и Владата на Република Северна Македонија и конзорциумот „Бехтел и Енка“. И дека конзорциумот „Бехтел и Енка“ не се согласува договорот да биде објавен. Ние ги почитуваме сите институции и ги информираме сите институции. Бидејќи ако не се почитува договорот, има клаузули дека ние треба да платиме и пенали за тоа што не се почитува законот. Договорот, извинете.

Сака ли државата да биде правна?

Може ли договор да биде над законот? Ова беше едно од прашањата на кои побаравме одговор на Правнот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Правен факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ, Скопје

Кај професорот по управно право Драган Гоцевски, секако, нема дилема. А за да немаат и институциите, објаснува тој, реформата на системот за пристап до информации од јавен карактер требаше да ја зајакне Агенцијата. Во вакви случаи да може и сама да ги прибере информациите.

Но, додава, тоа не е така во пракса.

Драган Гоцевски, универзитетски професор по управно право

Е сега може да толкуваме зошто е тоа така. Од една страна е практично прашањето. Доколку не го дава имателот на информацијата правото на вас како странка, нема да го даде ниту на второстепениот орган. Едноставно не го дава. Второстепниот орган нема истражен капацетит да влезе во простории и сам да го одземе. Може само да побара да му бидат обезбедени. Друг аспект кој може да разгледа е дека и барателите на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во жабленото барање не бараат Агенцијата да им ја обезбеди, туку бараат да го поништи решението и да му наложи на првостепениот орган да одлучи дека ќе му ги даде. И во таа насока Агенцијата и постапува во насока на жалбеното барање.

Дали може да заклучиме дека законодавецот не ни мислел дека некој ќе биде толку безобразен, и покрај второстепено решение, да реши – не ја давам информацијата, затоа што не сакам?

Хмм. Знаете како сега, ова е пошироко прашање. Што доколку една демократска држава не сака да биде демократска држава? Што доколку една република, која се декларира како правна држава, каде што едно од основните темелни начела на Уставот е начелото на законитост, одлучува во практика да каже – нема да ги спроведуваме, не важи тоа за нас“,

изјави универзитетскиот професор Драган Гоцевски.

Истраги има, но резултати засега не

За потенцијално спорните елементи од договорот на Владата со „Бехтел и Енка“ постапуваат и други надлежни органи. Државната комисија за спречување на корупцијата изготви анализа, која посебно го третира изборот на надзор, посебно изборот на фирма изведувач. За дејствијата кои ги вклучуваат прво меморандумот, а потоа и законот и договорот за изградба на патиштата, анализата заклучува:

Ваквото постапување на клучните институции упатува на нивно координирано постапување со однапред анализирани и договорени постапки во носење одлуки, со цел да се додели договор и да се обезбедат поволни услови за ангажирање на фирма за изградба на конкретните коридори, на начин кој е во спротивност на воспоставениот правен систем во РСМ и го нарушува основниот принцип за владеењето на правото. 36:03 Ако се има предвид и фактот што договорот за изградба на 110 километри автопат е во износ од 1,3 милијарди евра, неговото класифицирање со степен доверливо, што го прави недостапен за јавноста и стручната фела, создава сомнеж за нереално високо процената вредност на проектот и идна штета на буџетот на Република Македонија“,

кажа Катица Николовска, членка на ДКСК, на 99. седница на институцијата.

Анализата е пратена во Јавното обвинителство, поточно Обвинителството за гонење организиран криминал. Институцијата, исто така, постапува и за изборот на надзор и за изборот на изведувач.

Зградата на Јавното обвинителсто на РСМ во Скопје

Антикорупционерите барале состанок со Обвинителството на оваа тема, но не го добиле. Ние, пак, прашавме до каде се дејствијата кои ги презема истрагата. Ни одговорија кусо дека се постапува.

Во меѓувреме, ја продолжуваме правната битка и тестирањето на институциите за тоа колку ги почитуваат законите.

Извор