365 препорачува: The Lobster (2015)

Ако сакате денот да ви започне или заврши чудно, пуштете си филм од Јоргос Лантимос.

Дечкото умее да го пронајде најдобриот начин „да заплива во длабокото“, да ве нурне и вас внатре, за на крајот да ве извади мокри, полни со прашања, претпоставки и заклучоци кои ќе произлезат како производ од неговата сатирична игра со зборови и слики.

screen-shot-2015-09-05-at-16-29-46

За последното филмско остварување, а истовремено и прво од англиско говорно подрачје на Лоргос, може да си муабетиме со саати.

Во Јастог се случува една сурова, мрачна и клинички прецизна дистопија што почива врз апсурдни разговори и уште поапсурдни општествени и правни норми, кои и не се многу далеку од оние со кои сме задоени денес. Со Колин Фарел во главната улога, филмот нуди надреална приказна која што и покрај сиот апсурд ни ја удира реалноста од глава, отворајќи прашања за бракот, жртвувањето, љубовта, потребите и самотијата.

the-lobster-poster-colin-farrell

Дејвид е средовечен човек кој делува безлично и практично. Тој неодамна се разделил со својата сопруга, па сега е должен да оди во хотел, каде што има 45 дена да си пронајде партнерка, а во спротивно ќе биде претворен во животно по избор. Дејвид е еден од многуте во хотелот кои трагаат по својата половина, но она што го стеснува изборот е тоа што партнерите мораат да имаат исти недостатоци – на пример, двајцата да крварат од носот – за да бидат компатибилни. Откако ќе го пронајдат својот партнер можат да се преселат во градот каде буквално сите се „спарени“. За разлика од нив оние кои сакаат да останат самци живеат во шума и се однесуваат сосема индивидуално.

За да биде уште побрутално, трагачите од хотелот секојдневно одат во лов на самци меѓу дрвјата, па така, секој кој ќе убие самец го продолжува својот престој за еден ден. Колку повеќе убиени самци – толку повеќе денови да се пронајде сродната душа…

l2

Да се размислува практично и во заедница – затоа што да се биде сам е ужасно тешко, се основните принципи на колективната свест во замислениот град на Јоргос Лантимос. Нема место за оние кои размислуваат поинаку, нема место ни за оние кои немаат заедничка карактеристика со својот избраник – од инвалидитет, кусогледост, па и до познавање на странски јазик со тешка граматика.

Ритуалите во хотелот излобилуваат со црн хумор и сарказам, па истовремено предизвикуваат смеење, но и потсмевање, критика и самосожалување.

Диктатурата, независно од тоа дали е колективна или индивидуалистичка го обезличува човекот и го претвора во дехуманизирано парче од системот што ги одредува правилата на игра. Непослушноста се казнува сурово и генијално, гнасно и подмолно. А што е со љубовта и слободата? Тука и самиот режисер допушта илјадници интерпретации, па затоа неговото последно филмско остварување го оценуваме со препорака.

- Реклама -