Скопје се сеќава на 1963 – 55 години од кобниот земјотрес

Поминаа 55 години од земјотресот кој го разурна Скопје во 1963 година. Оние кои уште се живи се сеќаваат на ужасот, на изгубените домови, но и на драгите пријатели и членови од семејството.

Како резултат на земјотресот, 1100 жители ги загубиле животите, најмалку 3000 лица биле повредени, а 200.000 жители на Скопје останале без покрив на главата.

Повеќе од 80% од градбите биле срамнети со земја. По катастрофата, скоро целиот свет се солидаризирал за помош на Скопје, за негово одново градење.

Под урнатините животот го загубиле 1070 негови граѓани, а биле повредени над 4000 граѓани. Штетата од земјотресот е проценета на 15% од БДП-то на цела Југославија за таа година или во денешна вредност помеѓу 3 и 5 милијарди долари.

Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики. По неколку дена почнала да пристигнува помош и спасувачки екипи од целиот свет. Дури 87 држави во светот испратиле некаква помош во Скопје и помогнале тој да се изгради повторно, поради што градот го носи и епитетот „град на солидарноста“. Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.

По оваа огромна катастрофа, Скопје го носи називот „град на солидарноста“. Денеска, остатоците од старата железничка станица сведочат за тој кобен ден, а стрелките на часовникот се замрзнати токму на 5:17 часот.

- Реклама -