Млад мотоциклист се здобил со тешки повреди во сообраќајка во Гостивар

Млад мотоциклист е пренесен на скопските клиники со тешки повреди со кои се здобил по сообраќајна несреќа денеска, во 13:30 часот на улицата „Кеј Братсво Единство”, во близина на пазарот во Гостивар.

21-годишното момче во моментот на несреќата управувало мотоцикл „Јамаха Р6“ со италијански ознаки. Од се уште неутврдени причини тој се судрил со „Пежо-партнер“.

Во сударот мотоциклистот добил тешки телесни повреди и во животно загрозувачка состојба е итно бил пренесен на скопските клиники.

Во моментов увидот на полицијата се уште трае и се работи на утврдување на причините и околностите кои довеле до несреќата.

За помалку од два дена, по гостиварските сообраќајници се регистрирани три сообраќајки во кои три лица се потешко повредени.

- Реклама -