Не трошете џабе пари на хируршки маски, не штитат од загадување

Во време кога можеме да го гледаме и буквално вкусиме она што го дишеме, луѓето посегнуваат по маски за лице со кои би ги заштитиле дишните патишта, пишува Слободен печат.

Сепак, доста често трговците успеваат и на овој начин да си го унапредат бизнисот, продавајќи неквалитетни и нестандардизирани маски за заштита од загадување.

Прво и основно, маската што ја носат лекарите и хирурзите не заштитува од воздушно загадување, туку служи само за да се спречи разменување на зарази по аерокапков пат меѓу пациентот и хирургот.

Исто така, маркетиншки трик се и популарните маски со активен јаглен, кои исто така не спречуваат штетните честички да навлезат во дишните патишта.

Многу продавачи нудат маски со филтер за коишто се тврди дека ги филтрираат ПМ10 и ПМ2,5 честичките, но и испарувањата од гориво и од горење на јаглен и дрво.

Сепак, за да избегнете да бидете измамени и да потрошите многу пари на нешто што би ви било практично бескорисно, потребно е да ги следите следниве упатства и ознаки на производот:

На пазарот се достапни маски со ознаки FFP1 (хируршките, целосно бескорисни при загадување), FFP2 (еквивалентни на N95) кои филтрираат 95% од честичките и FFP3 (еквивалентни на N99) кои филтрираат над 99% од честичките.

Обично, N99 се доста поскапи од N95. Сепак, N99-маските филтрираат и гасови што се биолошка опасност за луѓето, но такви нема во Скопје и општо во Македонија. Значи, за ова загадување кое во моментов постои во Скопје, доволни се и FFP2, односно N95-маски.

Истите маски може да се најдат во аптеките (запомнете ги ознаките и не дозволувајте да бидете измамени), но може да се порачаат и преку онлајн-продавници. Важно е да се има предвид дека обичните маски, па дури и оние со активен јаглен, штитат од многу гасови, но не и од отровните ПМ10 и ПМ2,5 честички.

Извор на веста: Слободен печат

- Реклама -