Од полноќ започнува предизборниот молк

Привршуваат кампањите за вториот круг од локалните избори пред да започне предизборниот молк, од вечерва на полноќ.

Во вториот круг ќе се избира меѓу 70 кандидати, односно 35 општини ќе добијат или нов градоначалник или нов мандат на актуелниот.

Во скопските општини втор круг ќе има во Кисела Вода, Гази Баба, Бутел, Чаир, Сарај и Шуто Оризари. Во Кисела Вода, Гази Баба и Бутел главната битка ја водат кандидати на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а во Чаир и Сарај меѓу ДУИ и БЕСА. Во Шуто Оризари пак, се води меѓу кандидати на СДСМ и СРМ.

Една од најинтересните битки се води во Штип, помеѓу кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ Илчо Захариев и на СДСМ, Благој Бочварски. Тие во првиот круг беа речиси изедначени, со тоа што Захариев имаше само 36 гласа повеќе од Бочварски.

Втор круг има и во Кавадарци, Тетово, Струга, Гостивар, Македонска Каменица, Виница, Градско, Демир Капија, Јегуновце, Карбинци, Чашка, Старо Нагоричане, Росоман, Македонски Брод, Могила, Новаци, Зрновци, Пробиштип, Брвеница, Чешиново-Облешево, Боговиње и Врапчиште.

- Реклама -