Кусата историја на безнадежноста

89740033-1

Безнадежност почнува во моментот кога ќе ни стане јасно дека „ ништо повеќе не може да се стори“.

Изборот се сведува на тоа да се залажуваме со квази гламурот со кој сме бомбардирани  на телевизиите, озборувањето, бесконечните списанија за тоа како да се биде убав, неодолив, здрав и позитивно да се мисли; или пак со фефероните на национализмот, шовинизмот и религијата.

Доследно научени да мразиме сé околу себе, го мрзиме нашиот сосед кој има сто евра повисока плата и штрајкува (кретен, а погледни колку му е убаво), така што нормално,  нема да го подржиме. Со завист гледаме  на оние кои успеале да се упикаат и работат за пристојна плата, не затоа што умеат или знаат нешто повеќе од некој друг, туку затоа што се дојдени од системот што ги направил такви, да можат да се вклопат, да не се бунтуваат и да се сторат подвижни  билборди на здивениот примитивен капитализам во кој учествуваме против наша волја.

Бескрупулозниот грабеж е со две нозе влезен во домот на нормалноста и на очекуваното. Успешно ги забораваме едноставните нешта: дека не е нормално некој да биде сопственик на ридот, на реките, шумите, не е нормално некој да биде сопственик врз животите на неколку илјади луѓе кои работат за него, не е нормално малверзациите, пљачкосувањето… да се гледаат како способност. Не е нормално монополизацијата да се нарече демократизација.

Секоја приватизација на она што се смета за општо добро, на она од што зависиме, како што се струјата, водата, храната, превозот, земјиштето, шумите, сите природни ресурси, директно води кон диктатура на сопственоста врз човекот.

Имотот се поистоветува со постоењето.

Замената на човечноста со сопствеништвото го поништува секој од нас поединечно како човечко суштество.

- Реклама -