Во раните 1970-ти меѓу пропагандните дела против дрога имало и доста конфузни парчиња.
Од тој период датира анимираниот филм „Љубопитната Алиса“, кој го прикажува конзумирањето дрога како прилично забавна работа. Филмот е снимен од Националниот институт за ментално здравје во 1971 година и ја прикажува младата Алиса како ја чита „Алиса во земјата на чудата“ од Луис Керол. Наскоро се наоѓа во чудесната земја на дрогите, каде владее луда и психоделична атмосфера.
Најверојатно целна група на филмот биле 8-годишните ученици. Тешко дека тие мали деца можеле да го восприемат како што треба морализирањето на Алиса за халуциногените супстанци, но секако „се залепиле“ за трип-атмосферата.
Аниматорите направиле бум со филмот, но не успеале да испратат јасна и ефективна порака. По излегувањето на филмот, Националниот совет за координација на образованието за дрога остро го критикувал филмот, нарекувајќи го конфузен и контрапродуктивен.