Доколку сакате да освоите некое момче, или пак да се извините на некоја пријателка, ова е совршениот рецепт поради кој никој нема да може да ве одбие.
Путер од кикирики и чоколадо е секогаш совршена комбинација, но приготвени на начинот на кој ви го прикажуваме подолу, претставува вистинско „комбо“!
Најдобро од се е што за истиот ви се потребни само 3 состојки, околу 10 минути приготвување, и плус една минута за да ги изедете сите одеднаш. Толку се едноставни за правење што и најголемите „незнајковци“ во кујната ќе можат да ги приготват.
Потребни состојки:
– 150 грама путер од кикирики
– 1 чоколадо за готвење (или млечно чоколадо)
– 6 лажици шеќер во прав
Подготовка:
1. Најпрвин растопувате нешто помалку од половина од чоколадото, и додека е во течна состојба го распоредувате во долниот дел од калапите за колачиња.
2. Додека малку се зацврсти чоколадото, во блендер ставете го путерот од кикирики, и додадете го шеќерот во прав. Промешајте неколку пати додека да се соедини.
3. Смесата од блендерот извадете ја на тава и од неа формирајте неколку помали топчиња кои подоцна ќе ги сплескате. Добиените форми распределете ги во калапите врз првиот дел од чоколадото.
4. Растопете го и остатокот од чоколадото, и прелијте го во калапите врз путерот од кикирики.
5. Оставете ги неколку часа во фрижидер да се зацврстат.
Совет:
Доколку сте љубител на цимет, можете во путерот од кикирики да го додадете и овој зачин кој ќе даде дополнителен шмек на и онака превкусните колачиња.