Пауновски за „рамковните“ што одбива да ги вработи: И јас сакав да бидам пилот, па не станав…

Директорот на Државниот пазарен инспекторат – Стојко Пауновски, е разочаран што премиерот Зоран Заев не ја разбира неговата одлука да не ги вработи 35-те административци кое му ги праќа Министерството на Артан Груби, иако, како што вели, до премиерот испратил информација за состојбата во Пазарниот инспекторат.

Во изјава за „Слободен печат“, Пауновски вели дека за него е нејасно зошто му праќаат неквалификувани кадри. Директорот на Пазарната инспекција посочува дека не е проблем да се вработат 12-те од нив кои се со Економски и Правен факултет, макар што и тие не можат да бидат инспектори, а институцијата има потреба токму од инспектори за во источна Македонија, а не за во западна, за каде му ги испратиле административците кои досега седеа дома а земаа плата.  Според Пауновски, преостанатите од 35-те административци дипломирале со 180 кредити и можат да работат само обична администрација, зашто се детективи или со факултет за криминалистика „од факултетот на Рамиз Мерко“. Директорот посочува дека во инспекторатот веќе има вработени по повеќе од 10 години кои исто така не може да ги унапреди поради образованието, затоа што не дозволува систематизацијата.

„Нека ги земе некоја друга институција, каде што ќе бидат соодветни според образованието. Велат дека тие сакале да работат во Пазарен инспекторат. И јас сакав пилот да бидам кога бев млад, ама не станав“, вели директорот Пауновски, потенцирајќи дека под негово раководство бројот на инспектори во ДПИ се искачил на 180 наспроти 70 лица администрација, и дека тој скор не сака да го расипе, па и ако цената е негово разрешување.

Нешто подоцна по ваквата денешна изјава на Пауновски, премиерот Зоран Заев најави негово разрешување. Основ за такво нешто имало, смета тој, затоа што, како што рече, не било дозволиво така јавно Пауновски да им пркоси на премиер и на вицепремиер.

- Реклама -