„Телма“: Ден по оставката, Рашковски побарал да се врати на професорското место на Правниот факултет, но…

Во вторникот, ден откако на премиерот Зоран Заев му го испратил писмото и му ја депонирал својата оставка, Драги Рашковски поднел барање до Правниот факултет да се врати на старото работно место – професор, објави „Телма“.

Рашковски сѐ уште фигурира како професор на вебсајтот на факултетот, а работното место му беше ставено во мирување кога стана Генерален секретар на Владата, во 2017 година.

Сепак, според информации на „Телма“, Правниот факултет има одредени резерви околу враќањето на Рашковски. Такво барање, сметаат тие, тој можел да поднесе кога му престана функцијата Генерален секретар на Владата, а спорно е дали го има тоа право сега, затоа што не се сигурни дали последната негова позиција (Секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата) се смета за функција на избрано и именувано лице, или пак Рашковски бил само административен службеник. Од Владата, пак, тврдат дека Рашковски и официјално бил функционер (повеќе детали ТУКА).

Рашковски од вчера е во куќен притвор поради набавката на софтвер за контрола на сообраќајот. Според Обвинителството, тој тендерот го кроел според сопствениот патент. Како што посочи обвинителката Ивана Трајчевска, при постапката имало повеќе спорни моменти. Таа најави и жалба на одлуката на Судот за доделување на куќе притвор, бидејќи Обвинителството инсистира на ефективен, односно затворски притвор.

 

- Реклама -