Филипче: Стварно сум разочаран од изјавата на Пендаровски, излегува дека тој донел нула вакцини

Министерот за здравство Венко Филипче е крајно разочаран од критиките од претседателот Стево Пендаровски за тоа што државата досега не успеа да набави вакцини, што пак испрати десетина илјади наши сограѓани да се вакцинираат во Србија.

Во ситуација кога цел свет води „војна“ за вакцини, несоодветен е таквиот настап на претседателот на државата, оцени Филипче, во вечерашното гостување во „Click Plus“ на „ТВ21“. Ако Пендаровски навистина имал обиди и контакти, излегува дека тој донел нула вакцини, додаде министерот за здравство, според кого тоа е уште еден доказ за тоа колку тешко се доаѓа до вакцини. Сепак, Филипче истакна дека за такви обиди преку кабинетот на претседателот не е информиран. Според него, обидите започнале од Министерството за здравство, и тоа уште лани летото, прво преку Ковакс механизмот, а потоа и преку директни договори.

За потсетување, преписките меѓу шефот на државата и министерот за здравство започнаа по прес-конференцијата на Пендаровски, кој сликите од Србија на наши граѓани кои чекаат редови за вакцини ги нарече „срам за нашата држава“, бидејќи истата не им овозможила здравствена заштита тука. Филипче реагираше дека ниту еден друг претседател не го нарекол тоа „срам“ за сопствената држава, а попат го обвини Пендаровски дека не помогнал во процесот на набавка на вакцини. Пендаровски, пак, одговори дека Филипче свесно пропуштил да спомне обидите започнале токму од неговиот кабинет, иако биле примарна надлежност на министерот за здравство.

Изјавата на Филипче погледнете ја во видеото:

- Реклама -