ВМРО-ДПМНЕ повикува на обединувачки, надпартиски и надетнички предупредувачки протест против изјавите на Заев

Интервјуто на Заев за БГНЕС очигледно претставува додворување кон бугарската јавност и подготовка за македонската јавност. Во него Заев несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани – оцени вчера лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на вонредна прес-конференција свикана поради загриженоста на опозицијата, а која се темели на изнесените позиции на премиерот во интервјуто.

„Заев во ова скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство. Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени, а не биле поробени во Втората светска војна“, истакна Мицкоски.

Тој додаде и дека е загрижен што интервјуто може да се толкува како прв чекор на откажување од македонското малцинство во Бугарија, кое живее, како што истакна, во своите древни огништа, но и дека е сериозно загрижен за тенденцијата да се менува карактерот и улогата на македонските херои, што претставува упад и фалсификат на македонската историја.

„Алармирам сега, за да не биде предоцна. Алармирам за да не се случи уште едно огромно големо разочарување“, порача Мицкоски и го повика македонскиот народ внимателно да го следи процесот на преговори, а Заев и Владата ги предупреди да не си играат и да не го начнуваат македонскиот идентитет, бидејќи гневот на народот, со самиот Мицкоски во првите редови, во тоа ќе ги спречи.

„Протест сега, за да не биде предоцна!“, повика Мицкоски:

„Ако нашите дедовци од 1941 до 1944 година се бореле против ‘администрација’ како што манипулира Заев, тогаш тоа нив ги прави ‘терористи’ и ‘престапници’, а не ослободители. Не!

Нашата слобода е дело на народната борба против окупаторот, со многу жртви, падови и победи. АСНОМ е вториот Илинден, а Народноослободителната борба е дел од европската борба за слободни народи.

Македонија е за пријателство, но пријателството значи взаемно почитување. Ако нема почитување, нема да се разбереме. Да не бидеме неми, да бидеме гласни пред да биде предоцна.

Повикувам на натпартиски предупредувачки протест за одбрана на црвените линии кои се последниот бедем на нашиот идентитет.

Овде не се работи за партии, овде се работи за Македонија, за Илинден и АСНОМ, за она што сме и она што сакаме да останеме. Сега, за да не биде предоцна!“, порача лидерот на најголемата опозициска партија, повикувајќи ги граѓаните денеска во 18 часот пред СЦ „Борис Трајковски“, со автомобили (поради пандемијата), да го започнат протестот кој ќе продолжи пред Владата.

Реакциите, како во јавноста, така и од опозицијата, продолжија и денеска.

„Заев е срам за државата, после вакви антидржавни ставови оставката е неминовен чекор“, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нема Македонец кој не се срами од додворувањето на Заев кон бугарската влада на штета на македонските интереси. Зоран Заев го продава македонскиот идентитет, јазик и историја. Зоран Заев се откажа од Гоце Делчев – црвената линија на македонскиот идентитет. Од среде Скопје Заев кажа дека бугарите биле ослободители во Втората светска војна, и со тоа ги израмни македонските партизани со бандити. Зоран Заев се откажа и ја погази жртвата на Орце Николов, Раде Јовчевски Корчагин, Стив Наумов, Вера Јоциќ, Борка Талески, Методија Андонов Ченто, и плејада други знајни и незнајни јунаци кои животот го положија за слободна Македонија. Македонското малцинство во Бугарија е предадено и продадено од Заев. Заев ги урнисува темелите на македонската држава и нејзината најголема победа АСНОМ. Зоран Заев не треба да чека народот да го смени, бидејќи тоа ќе се случи, туку сам уште веднаш да си даде оставка“, се вели во соопштението.

Пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, како и претседател на собраниската Комисија за надворешна политика – Антонио Милошоски, пак, денешната седница на комисијата ја резервираше токму за реакција за интервјуто на премиерот Заев за БГНЕС, оценувајќи дека тој ги поминал сите  сите црвени линии што може народот да ги поднесе:

„Прво да изразам огромно незадоволство од тоа што господинот Заев на еден подмолен нечовечки и недостоинствен начин, во едно интервју дадено вчера на медиумите во Македонија и соседна Бугарија, се откажа од придобивките  народноослободителната војна којашто е темелот на создавањето на оваа држава и е темелот на создавањето на темелот во Собранието во коешто ние заседаваме.

Вчера Заев, го понижи и се откажа од Кочо Рацин. Вчера Заев ја понижи и се откажа од Естреја Овадија – Мара, народниот херој од Битола. Вчера Заев гои понижи и се откажа од идеалите на Неџат Аголи кој заврши на Голи Оток. Вчера Заев се откажа и го понижи и ја испогани жртвата на Стив Наумов, кој што беше убиен во Ресен. Вчера Заев заборави дека Кузман Јосифоски Питу и Лиман Каба заедно формираа народноослободителен кружок во Дебар и со нивните жртви овозможија оваа држава да се создаде и овозможија денес да има е образование, војска, Собрание, пратеници, народ, Устав, достоинство, да имаме држава.

 

Затоа сметам, почитувани колеги пратеници од комисијата за надворешна политика, дека денес не е време да држиме седница за ратификација којашто можеме да ја поминеме кога и да сакаме; Денеска е време кога треба да бидеме со народот на протест, без разлика дали некој е од СДСМ или ЛДП, без разлика дали е некој од БЕСА или Алијанса, без разлика дали некој е од ДОМ или од друга партија. Ние сите, и народни партии, и конзервативни и либерални, центар, и социјалдемократски, левичарски, денес треба сите да излеземе на протест за да му кажеме на овој човек дека треба да запре. Дека во државата има повеќе достоинство отколку што тој има интерес да го распродава државното, националното и традиционалното стекнато богатство како слободата, со многу жртви и во Илинден и во АСНОМ и после тоа.

Сметам дека господинот Заев ги помина сите црвени линии што може народот да ги поднесе. Сметам дека на ваквото понижување треба да му ставиме точка. Затоа оваа седница за комисијата за надворешна политика нема да ја отпочнам и ве повикувам сите заедно вечер со граѓаните да се придружиме на протест и да ги оправдаме и честа и жртвите и на Македонците и на Албанците, Евреите, Турците и на сите други коишто ги положиле за создавањето на оваа држава и да му кажеме стоп на овој човек кој што делува како неурамнотежен политичар и ги распродава интересите на Македонија само за свои краткорочни политички цели“, порача Милошоски.

„Никој досега на ваков начин не ја клекнал на колена Македонија и македонскиот народ“, порача денеска на прес-конференција и координаторот на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија – Никола Мицевски, заедно со останатите пратеници од партијата, повторувајќи го повикот за протест.

„Денес не е ден кога треба да се зборува за други теми во Собранието на Република Македонија. Денеска е ден за протести и будење на Македонија.

Македонија нѐ задолжила сите – и Македонци, и Турци, и Албанци, Бошњаци, Срби, Роми и сите останати граѓани на нашата земја.

Вчера беше понижувачки ден за македонскиот народ, македонската држава и македонските национални интереси. Вчера беше ден кога целата македонска јавност беше сведок на најсервилното интервју во изминативе триесет години од било кој политичар. Никој досега на ваков начин не ја клекнал на колена Македонија и македонскиот народ. Вчера Зоран Заев ја понижи Македонија. Вчера Зоран Заев наместо македонските интереси ги застапуваше бугарските интереси и со полно право нашиот народ е бесен и се чувствува понижен.

Денес е ден кога приоритет треба да бидат македонскиот народ и Република Македонија коишто како никогаш досега се загрозени од овој човек кој што е спремен на сѐ, на штета на националните интереси.

Денеска треба да се повикаат во Собранието Зоран Заев, Никола Димитров и Бујар Османи, ако треба и на затворена седница, да се поразговара за македонските црвени линии и да бидеме информирани како пратеници што е тоа што преговара и што се е спремен Зоран Заев да продаде од македонската држава.

Дополнително, како Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ повикуваме денеска, македонскиот народ да се обедини на надпартиски протест со почеток од 18:00 часот од СЦ Борис Трајковски, кој ќе заврши пред Владата. Заради пандемијата со КОВИД 19 , замолуваме на почитување на мерките и протоколите за заштита“, повика Мицевски.

Денешниот протест официјално го подржа и опозициската Левица. Тие ги повикаа граѓаните да му се приклучат на раководството и пошироко членство на партијата и заедно со нив да учествуваат во антивладиниот протест, во одбрана на АСНОМ-ските вредности и антифашистичката борба врз кои се поставени темелите на современата македонска држава.

- Реклама -