Мајтап или поддршка? Говорот на Грета Тунберг во дет метал верзија (ВИДЕО)

Неодамнешниот, посебно емотивен говор на 16-годишната шведска еко-активистка Грета Тунберг пред ООН во Њујорк, силно одекна во светската јавност, овојпат дури и во македонските медиуми. Можеби тоа се должи на (пре)нагласената емоција, а можеби и на безмилосната порака што Тунберг им ја испрати на светските лидери. Сепак, колку е таа и нејзините поддржувачи погласна, толку погласни се и критичарите и мајтапчиите, било да се тие „климатски скептици“ или да се едноставно од оние што сметаат дека борбата против еден ваков проблем не треба да ја предводи едно 16-годишно девојче (па уште и со аутизам/Аспергеров синдром, според некои од нив).

Видеово во продолжение, да бидеме искрени, не знаеме дали е од овие првите или од овие вториве. Авторот, барем во јавноста, вели дека немал било каква задна намера кога ја создавал дет метал верзијава на говорот на Тунберг, иако многумина тврдат дека „ремиксов“ е исмевање со прашањата која таа ги третира во обраќањето.

Самата Грета, пак, не го сфаќа видеово толку сериозно. И самата го сподели на Твитер, допишувајќи: „Отсега натаму ќе правам само дет метал“.

Авторот на видеото – Џон Мередит од њујоршкиот метал бенд Suaka, вели дека бил под силен впечаток од страста и гневот на Грета додека се обраќаше на Климатскиот самит на ОН.

„Зборовите кои ги беше избрала го разбудија во мене мракот на метал музиката што ја сакам: групите Entombed, Gojira, At The Gates, Sepultura… Немав друга намера, само сакав да ѝ ги претворам бpyталните мисли во метал парче“, вели тој.

„Моето мислење е дека секој треба да се стреми да ја исполни својата улога во зачувувањето на животната средина. Гневот на тинејџерите може да биде моќна движечка сила во општеството“, вели Мередит, посочувајќи ја Арапската пролет како пример.

- Реклама -