Што добивме а што загубивме со независноста?

По прогласувањето на независноста, на 8-ми септември 1991, новата држава Република Македонија веднаш се соочи со сериозни политички и економски проблеми.

Стопанството беше во шок – преку ноќ го изгуби заедничкиот пазар од 23 милиони жители, беше напуштен принципот на договорна економија и започна процесот на приватизација.

Речиси веднаш земјата се соочи со блокади и од Југ и од Север. Грција воведе ембарго поради наметнатиот спор за името, а Србија беше под санкции од ООН поради војните, ваквите мерки мораше да ги почитува и Македонија со што во суштина беше отсечена главната трговска оска по Коридорот 10.

Губењето на заедничкиот пазар беше дополнителен удар, македонските како и сите југословенски претпријатија беа суштински поврзани – конечниот производ најчесто беше резултат на составни делови направени во повеќе републики, па сега ваквиот синџир беше прекинат.

Претпријатијата се најдоа во ситуација да бараат нови пазари за пласман на своите производи и услуги, бидејќи македонскиот пазар со два милиони жители не можеше да го апсорбира нивниот производствен или трговски потенцијал.

Независна Македонија – деценија во голем минус, деценија во мал плус

Македонија излезе од Југославија како најмалку развиена република. Првите десетина години економијата беше во голем минус, а последните десет во мал плус. Ембаргото од Грција и санкциите кон Србија, распаѓањето на заедничкиот пазар и транзицијата односно приватизацијата беа главните белези на 90-те.

Статистиката покажува дека реалната плата се зголемила за 44.8%, невработеноста се намалила за околу 10 процентни поени, а Бруто домашниот производ (БДП) во просек растел за помалку од 2% секоја година од историската 1991-та до 2015-та. Ова се основите показатели од публикацијата „25 години независна Македонија“ што ја објави Државниот завод за статистика (ДЗС) по тој повод.

Македонските работници во 2004-та прв пат имале повисока реална просечна плата од 1991-та. И во деведесеттите таа номинално растела, но била „подјадувана“ од инфлацијата, па реално останала под нивото од пред распадот на Југославија. Во последните десетина години имала посолидни стапки на зголемување, па во 2015-та споредено со 1993-та реално била поголема за 44.8%, покажуваат податоците од публикацијата .

Стапката на невработеност во 1993-та била 27.7%, со мали варијации се зголемувала се до 2005-та кога достигнала 37.3% по што почнува период на намалување и доведување до 21.1% во вториот квартал од 2018-та година.

Бруто домашниот производ (БДП) односно вкупните економски активности се намалувале од осамостојувањето во 1991-та до 1996-та, по што започнува тенденција на раст кој е прекинат во 2001-та поради вооружениот конфликт, како и во 2009-та и 2012-та пред се поради светската економска криза, но и во 2017-та поради политичката криза.

Во изминатите години има и значителна промена на структурата на БДП. Така во 1991-та 29.8% од вкупните активности отпаѓале на индустријата и градежништвото, 11.4% на земјоделството, а 56.8% на секторот услуги. Во 2010-та, пак, индустријата и градежништвото опфаќале 24.3%, земјоделството 9.8%, а услугите 65.9%.

- Реклама -