Омразената активност што разорува најмногу бракови

Не се сите парови исти. Кај некои спротивностите се привлекуваат, други се заедно зашто имаат слични карактерни особини, трети се некаде помеѓу. Како и да е, сите овие парови имаат едно нешто ептен заедничко. Не љубовта, не почитта, не разбирањето, туку омразата кон миењето садови.

Ако со текстот „Измиј ги садовите, ебате“ не успеавме да допреме до машките камени садомијачки срца, можеби тоа ќе се случи преку истражувањево.

Седнале експертите да ја проучуваат динамиката на врската кај куп парови, меѓу другото и од аспект на евентуалната поврзаност со поделбата на куќните обврски (пазарење, миење садови, перење, чистење). Откриле дека оваа омразена домашна обврска може буквално да ви ја уништи врската ако не е фер распределена.

Резултатите покажуваат дека жените во хетеросексуални врски кои главно сами ги мијат садовите, се значително понезадоволни во врската, почесто се расправаат со партнерите, и… (мажи, читајте внимателно) имаат помала желба за секс, споредено со оние чии партнери им помагаат во миењето садови.

Колку е важна оваа „ситница“ зборува и фактот што жените навеле дека најмногу ценат кога партнерот ќе им излезе во пресрет токму со помош при миењето садови.

Самиот факт што едните најмногу ценат помош во таа „категорија“, додека другите се трудат од петни жили да ја избегнат, говори дека миењето садови навистина е куќна обврска што им е омразена на сите освен на Бил Гејтс. За тоа може да има повеќе причини; За некои е едноставно одвратно да се чистат своите и туѓите остатоци од храна, особено кога садовите преноќиле во мијалникот. За други, пак, особено мажите (бидејќи во просек се физички покрупни), неподносливо иритира неприродната позиција на ‘рбетот и телото при таквата активност, што во голема мера се должи на глупиот стандард во дизајнот на кујните, дизајн кој потекнува од памтивек, и кој е дизајниран според пропорциите на „нереална“ жена.

Сепак, според професорот по социологија – Ден Карлсон, ова не се единствените причини поради кои миењето садови може да е разорно за врската. Проблемот, вели, е и што никој не дели комплименти на тема добро измиени садови, бидејќи „добрата измиеност“ се подразбира со самата активност. Секако, не е ни разумно да се очекува комплимент за такво нешто, но ние луѓето сме и емоционални суштества, па останува фактот дека комплименти сакаме и очекуваме по можност за сé што ќе направиме.

Како и да е, денес работите се менуваат на подобро. Сé повеќе мажи ги делат домашните обврски со нивните партнерки, едните зашто така се воспитани (од дома или општеството), а другите зашто се паметни и знаат дека одморена жена е расположена (во секоја смисла) жена.

А добро е што е така, затоа што за роботи што ќе мијат садови место нас ќе треба уште баеги да почекаме.

- Реклама -