Ај сепак да не ја отпишуваме промајата

Иако на прва се чини дека промајата како концепт постои само на Балканот, ако фатиме да чепкаме подлабоко, излегува дека не е баш така. Кинеската традиционална медицина, на пример, од памтивек смета дека промајата може да биде причина за бројни болести.

Пораснавме затрупани со совети од нашите баби дека промајата ова, промајата она, како да е најголемото светско зло, па сега си правиме вицови од типот „ако сине, дрогирај се, само не седи на промаја“. Зашто ако седиш на промаја наводно ќе настинеш, ќе ти се воспали увото, ќе ти се воспали плуќата, ќе ти се воспали заб и ќе добиеш забоболка, ќе ти се вкочани вратот, па и грбот, и на крај можеш и да умреш. И така, додека си играме мајтап со изреки како „од промаја никој не умрел“, во Кина има обратна: „Никој уште не умрел од смрдеа, ама од промаја – да“.

Ако го прочитавте линкнатиот текст погоре, јасно е дека верувањето во промајата нема потврда во научните знаења на медицината. Така, на пример, во поедини медицински ученици од инфектологија, во поглавјето за настинки, стои дека „и покрај вообичаените верувања, нема сигурни докази дека ладното, промајата, заморот, ненаспаноста и сличните состојби се поврзани со зачестените настинки“. Во поглавјата за причините за воспаление на уво исто така стои дека тоа не е поврзано со преладување на ушите или промаја, и дека носењето капа во затворен простор (како што правеше дедо ми) нема да ја смали зачестеноста на воспаленијата.

Сепак, во самото искуство на постарите генерации, а и нашето, како на Балканот, така и во Кина, важи за факт дека промајата може да предизвика своевиден шок на имунолошкиот систем, поради што организмот е поизложен на развој на разни инфекции. Со други зборови, верувањето дека смрдеата не убива, ама промајата – да, можеби и не е така без основа, и треба да му се припише на фактот што луѓето порано не оделе често на доктор, туку знаењата ги стекнувале на основа на лично искуство. А тоа нивно искуство вели дека по изложеност на промаја, поради намален имунитет, некои болести почесто се јавуваат. Тоа се однесува и на сите оние случаи кога сте настинале откако сте се препотиле па сте седнале на промаја, или кога навечер сте се напиле ладна вода од фрижидер, па утрото сте се разбудиле со воспалено грло.

Кинеската промаја

Традиционалната кинеска медицина верува дека премногу промаја или ветер е една од главните причини за појава на многу болести. Се смета и за водечко зло по Чи енергијата, меѓу пет други: ветер, студ, жештина, влага и суша. Овие пет други исто така се манифестираат преку ветерот, во форма на студен ветер, топол ветер, влажен ветер… Промајата, пак, се однесува на ветер меѓу прозори, врати, две згради, два ѕида или објекти.

Промајата е опасна, сметаат традиционално настроените Кинези, бидејќи е поостра од обичниот ветер. Секој што знае малку физика, на пример, знае дека колку е потесен просторот низ кој минува воздухот, толку е поголема брзината на движење на воздухот, а тоа го прави поладен. Па така, колку повисока е зградата, толку и ветерот е посилен, а колку е просторот потесен, толку ветерот е поостар т.е. станува промаја, објаснува докторката по кинеска медицина – Ангела Тијан Жу.

Затоа промајата може да продре во нашата коса, органи и телото, посебно кога сме болни или со ослабен имунитет. Најранливи се децата и старите. Промајата секогаш го напаѓа најслабиот дел од телото, па оттаму и штетата, објаснува Жу.

Веќе знаете како промајата влијае на поедините делови на телото и кога сте најранливи, па нема многу да навлегуваме. Како битен и помалку познат момент ќе го спомнеме само ова: кинеската традиционална медицина смета дека посебно ранливи се мажите после секс, кога заспиваат после ејакулација. Наводно тоа што сексуалното возбудување подразбира многу енергија и проток на крв, ѝ овозможува на промајата да продре подлабоко во телото. Според кинеската традиционална медицина, изложеноста на промаја после секс се поврзува и со најчестата хронична болест на централниот нервен систем – мултипла склероза.

Од „не постои промаја“ до фобија од промаја

Луѓе како луѓе, одат до крајности. Едните се во стил: „можеби постои промаја, ама сакам да верувам дека не постои, затоа што обожавам да спијам на промаја“. Другите се: „Ај те молам изгаси ја климата, ќе настинам“, кога климата ти е пуштена на 25 степени и наместена на минимално струење. На овие вториве можеш слободно да им мрчиш дека во медицината не постојат докази во прилог на нивното тврдење, а исто така и да ги подисплашиш дека можеби имаат фобија. Поточно, анкраофобија ака. анемофобија – страв од ветер.

На првите, пак, можеш да им ја пуштиш баба ти да ги искара.

Не сме саде Балкан и Кинезите

Пола од Европејците ќе се чудат ако им спомнеш за промаја. Другата половина бегаат од промаја како од ѓавол. Во таа половина има и Германци, Австријци, Италијанци, Романци и Полјаци. Само погледнете повнимателно и ќе забележите дека, на пример, секогаш ги затвараат прозорите во подземните железници. Или дека во рестораните никогаш не отвараат повеќе прозори кои гледаат кон разни страни на светот. Порадо ќе се потат, отколку да седат на промаја. Бидејќи, макар и потсвесно, знаат дека „смрдеата никого не убила, ама промајата – да“.

Сумирано

Сé на сé, се чини премногу храбро (читај: глупаво) да ја отфрлиме промајата како целосна бесмислица. Имаме барем две генерации баби и дедовци што животното искуство ги уверило во спротивното.

Од друга страна, јасно е зошто медицината има проблем со постоењето на промаја како причина за болести; јасно се знае дека болестите ги причинуваат микроорганизми. Промајата може да е повод, катализатор, ама не и причина во вистинската смисла на зборот. Но како и да е, нема штета од тоа да се припазуваме.

 

- Реклама -