Не ни требаат пчели, ќе опрашуваме цветови со дронови

Бројот на пчели на планетава е сведен на критична точка, но изгледа се откажавме од тоа да ги спасуваме. Кај и да е, ќе си имаме дронови.

Јапонските научници развиваат баш такви – дронови кои ќе го обават опрашувањето кое има витална функција во екосистемот на нашата планета, а за кое моментално (и отсекогаш) беа задолжени главно пчелите.

Д-р Еиџиро Мијако од Националниот институт за напредна индустриска наука и технологија, експериментирал со јонски течен гел и открил/сфатил дека дронови обложени со таков гел би можеле да летаат меѓу цветовите, да собираат полен и да го депонираат – исто како што тоа го прават и пчелите.

Таквите дронови ќе бидат со големина на колибри, а се опремени со лента од животинско крзно, т.е. ситни влакненца кои се наоѓаат и на телото на пчелите, а на кои се закачува поленот. Тоа исто крзно е обложено со гел.

Гелот има двојна намена: служи за собирање и депонирање полен, но и реагира со светлосните бранови и создава еден вид на камуфлажа, која би ги заштитила дроновите од предаторите во дивината, особено кога летаат во рој.

Главни денешни опасности за пчелите се пестицидите и вирусите, а идејата за нивна механичка замена не е нова. На тоа се работи веќе подолго време, иако многумина се прашуваат дали пчелите-дронови воопшто ќе станат реалност, со оглед на многуте пречки кои научниците ќе треба да ги елиминираат и заобиколат.

- Реклама -