Легендата за настанувањето на мувлосаното сирење

Сирењето прошарано со темносини-сиви дамки од мувла е симбол на добар вкус и луксуз. Денес масовно се произведува ширум светот, како сирење со исклучителен вкус. Ама веројатно сте и вие како мене, па сте се запрашале: Зошто воопшто луѓето почнале да јадат нешто што е расипано?

Има горе-долу слични верзии на легендата за настанување на мувлосаното сирење, но сите велат дека се работи за случајност.

Како што пишува New York Times, првото мувлосано сирење е направено уште пред два милениума. Сирењето Рокфорт се спомнува во списите на римскиот научник (меѓу другото) Плиниј Постариот, кои датираат уште од првиот век од нашата ера. Сепак, некои историчари тврдат дека тој само го фали галското козјо сирење, и дека никаде не споменува дека се работи за мувлосано сирење.

Сеедно, легендата вели дека еден заљубен галски овчар го оставил својот ручек – составен од леб и сирење, во една пештера, за да се најде со својата сакана. Приказната вели дека овчарот се вратил на тоа место дури по три месеца, и тогаш се сетил дека имал оставено ручек во пештерата. Веројатно бил многу гладен, па го изел сирењето, дури и во таква мувлосана состојба во каква што го нашол. И не негово неверување, многу му се допаднало.

Оттогаш Рокфорт е познато и ценето сирење, па било омилено и меѓу кралевите. Францускиот крал Чарлс VI (Лудиот) уште во 1411 година потпишал протокол со кој го заштитува ова сирење од странска конкуренција.

Инаку, мувлата која се развива на ова сирење е од видот „Penicillium roqueforti“ и се работи за вид на габа. Може да се најде во Рокфорт, Горгонзоли и други сирења. Иако и ден денес има такви што го практикуваат традиционалниот начин на производство – со оставање на сирењето во контролирани услови само да „созрее“ до моментот кога развива мувла, сепак многу позастапено е масовното производство. Во фабриките сега намерно се додаваат габи, па затоа денешните сирења имаат контролирани шари со ароматична мувла.

- Реклама -