Од каде потекнуваат океаните

океаниОд каде потекнуваат океаните на Земјата? Астрономите долго време претпоставуваа дека водата во океаните е остаток од масовното бомбардирање на Земјата од комети и астероиди пред околу 3,9 милијарди години. Но, според една нова студија, Земјата самата ја создала водата преку „цедење“ на карпите од кои настанала планетата.

Ова откритие може да помогне да се објасни зошто животот настанал толку рано на Земјата, и значи дека и други карпести светови можат да имаат океани. Нашата планета отсекогаш имала вода. Камењата од кои настанала Земјата содржеле мали количини на вода. Но научниците не верувале дека тие мали количини биле доволни за создавање на денешните океани, па затоа тие го барале потеклото на водата во вселената. Геологот Линда Елкинс-Тантон од Институтот за Технологија од Масачусетс во Кембриџ мисли дека научниците никогаш не морале да бараат таму.

За да ја подржи својата теорија, таа вршела хемиски и физички анализи на метеоритите кои се наоѓаат на Земјата и кои се аналогни на градежниот материјал на планетата. Со резултатите таа составила компјутерска симулација на планети кои наликуваат на раните стадиуми на Земјата. Нејзините модели покажуваат дека голем процент од водата во екстремно жешките карпи брзо ќе создаде атмосфера од пареа пред да се излади и да кондензира во океан. Овој процес би траел неколку десетици милиони години, што значи дека на Земјата можело да има океани дури пред 4,4 милијарди години. Дури и малата количина на вода во земјината кора, која е посува од песокот во Сахара, би можела да создаде океани длабоки по стотина метри.

Астробиолозите постојано се изненадени од тоа колку брзо еволуирал животот на Земјата – во рок од 600 милиони години од формирањето на планетата – пред околу 3,9 милијарди години. Резултатите на Елкинс-Тантон би можеле да ја објаснат оваа појава. „Ако океани со вода постоеле толку бргу по ударот од кој настанала месечината (пред околу 4,45 милијарди години), тогаш би имало многу повеќе време за еволуцијата на животот, и исто така би била објаснета комплесноста на најстарите примероци на живот кои ги имаме најдено во карпите“ вели Дирк Шулце-Макуш, Астробиолог од Државниот Универзитет во Вашингтон.

Пин Чен, планетарен научник кој работи за НАСА вели дека Елкинс-Тантон претставува убедлива научна приказна дека океаните настануваат многу рано во историјата на планетите слични на Земјата. Чен вели дека нејзината работа го подржува и тврдењето дека Марс порано имал многу повлажна клима од онаа денес што значи дека можеби постоел и живот. Истото може да се очекува од голем број планети слични на нашата кои научниците почнаа да ги откриваат.

И покрај ова, Макс Бернштајн, астрохемичар од НАСА, забележува дека моделите на Елкинс-Тантон не ја содржат можноста дека удари од огромни астероиди и комети, кои биле многубројни за време на создавањето на сончевиот систем, би можеле да предизвикаат испарување на водата. „Само затоа што постоел океан толку рано на Земјата, тоа не значи дека тој опстанал доволно долго за да подржи живот“ вели тој. Елкинс-Тантон на ова одговара со тврдењето дека дури и огромен удар не би предизвикал губење на повеќе од половина од водата на планетите слични на Земјата. [Earth Oceans Were Homegrown]

- Реклама -