Ристовски: Очекувавме подобар пласман, но ова што го постигнавме на СП не е неуспех

Два дена по премногу лесниот пораз од Германија и елиминацијата од Светското Првенство, се уште во центарот на вниманието на нашата спортска јавност се наоѓа ракометниот национален тим. Се чини дека најразочарувачки делува фактот дека во осминафиналето бевме целосно надиграни и се покажавме како недостоен ривал за Германците, но голманот Борко Ристовски смета дека тоа пред се се должи на квалитетот на противникот.

„Уште пред мечот порачав дека против себе имаме многу силен ривал. Ние како да заборавивме која е Германија, можеби поради подмладениот состав, но сега сите видоа дека Германија е Германија и дека против нив може да се игра само ако се одигра најдобро што се може. Сите нивни играчи настапуваат во Бундес-лигата, која што е најсилна лига во светот. Особено импресионираше нивната цврстина во играта, не само во одбраната, туку и во нападот, каде што премногу лесно ги издржаа дуелите со нашите ракометари, како воопшто да не ги удиравме. Германците можеби не одиграа убав ракомет за око, но покажаа колку се моќни кога ќе влезат во својот посакуван ритам“ – истакна Ристовски.

Според репрезентативниот голман, пласманот на овој мундијал не може да биде оценет како неуспех, но и тој самиот призна дека ракометарите потајно се надевале на далеку подобри резултати од остварените.

„Генерално треба да сме задоволни од пласманот во осминафиналето, но тргнавме тука со желба за многу повеќе, со сон да бркаме медал или да влеземе во првите пет-шест. Овој пласман сепак не е она што го посакувавме. Треба да работиме, да се развиваме, за да го задржиме континуитетот и да стигнеме до уште подобар резултат на следните големи натпреварувања“, порача Борко Ристовски.

- Реклама -