Баер Леверкузен првпат во клупската историја шампион на Бундеслигата


Баер Леверкузен стави крај на доминацијата на Баерн Минхен од 2013 година и со победата од 5:0 над Вердер во 29. коло од Бундеслигата и математички ја потврди титулата германски фудбалски шампион, прва во историјата на клубот.

Тимот под водство на Шпанецот Чаби Алонсо поведе во 25. минута на целосно исполнетата „БајАрена“, кога Нигериецот Виктор Бонифас реализираше пенал. Надмоќта на домашните ја круниса во 60. минута швајцарскиот репрезентативец Гранит Џака и ја удвои предноста на Баер. Во 68. минута Флоријан Виртц го постигна својот прв гол за 3:0, a потоа впиша хетрик со погодоците во 83. и 90. минута.

Баер со 25-та првенствена победа и пет кола пред крајот на сезоната стигна до 79 бода, има недостижни 16 бода предност пред Баерн и Штутгарт, кои ќе се борат за второто место на преостанатите пет натпревари, додека ќе биде уште попримамлива битката на РБ Лајпциг (56) и Борусија Дортмунд (56) за четвртото место, последното кое води во Лигата на шампионите.

Ова е првата шампионска титула во Германија за клубот кој пет пати во својата историја го освоил второто место во Бундеслигата, а пред 22 години беше на само еден бод од титулата. Во истата сезона Баер играше во финалето на Лигата на шампионите и го загуби финалето од Купот на Германија.

Сепак, тренерот Алонсо веќе најави дека нема да има големо славје, бидејќи Баер е во игра за уште два трофеи. Веќе во четврток во Лондон го очекува реваншот од четвртфиналето на Лига Европа против Вест Хем Јунајтед каде „фармацевтите“ ќе ја бранат предноста од два гола (2:0) од првиот меч.

Баер стигна и до финалето на домашниот Куп. Мечот за трофејот е закажан за 25. мај, а Баер за противник ќе го има второлигашот Кајзерслаутерн, претпоследниот тим во втората Бундеслига.

Под водство на Алонсо, Баер сѐ уште нема загубено натпревар во ниту едно натпреварување оваа сезона. Во Бундеслигата има 25 победи и четири нерешени, во Лига Европа „Аптекарите“ остварија осум победи и едно реми, а со пет победи стигнаа до финалето на Купот на Германија. Вкупно Баер има 38 победи и пет нерешени во 43 официјални натпревари, со гол разлика 123:31.

- Реклама -