Универзална сала ќе биде повторно вратена на скопјани

Универзалната сала ќе биде повторно вратена на скопјани. Пожарот што ја зафати салата во вторникот оваа недела предизвика големо незадоволство кај многумина. Откога Министерството за култура ја презеде управата над салата во декември, велат дека се соочиле со сериозни предизвици поради некомплетноста на документацијата која не им била предадена навреме од страна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

„Нашите напори за преземање на процесот на реконструкција беа вистинска голгота и не се откажуваме сега. Во моментот, нашата главна цел е да ја вратиме Универзалната сала во рацете на граѓаните на Скопје. Иако пожарот потресе многумина, ние остануваме решени во нашата намера. Заслужуваме да имаме квалитетен објект како што е Универзалната сала, која е симбол на нашата култура и нашето наследство“, истакна Бисера Костадиновска Стојчевска на брифингот со новинарите одржан денеска по повод пожарот кој изби во вторникот во Универзална сала.

Таа на брифингот со новинарите потенцираше дека не може да се изначуди на реакцијата на градоначалничката Данела Арсовска која буквално со нејзиниот тим се сителе на денот на пожарот, се смееле и се радувале.

„За мене беше најголемиот пораз што сум го доживеала во моите 38 години како човек, некој на таква слика може  да се сити, да се смее, да се радува“, потенцираше Бисера Костадиновска Стојчевска.

Понатаму таа поентираше: „Универзална сала ќе ја изградиме и вратиме на скопјани, затоа што скопјани ја заслужуваат. Градоначалничката со својот однос не заслужи некој друг да и ја заврши работата, ама заслужија граѓаните на Скопје!“

Надзорниците на изградбата на Универзална сала, објект којшто во вторникот пламна во пожар, по денешниот брифинг со медиумите рекоа дека ќе има вештачење и ќе мора да се испита последната конструкција – новата.

„Ќе има веројатно вештачење и ќе треба да се испита новата конструкција, тоа ќе го прават институти и треба да се покаже дали егзистенцијата на материјалот не е нарушена. Ако не е, тогаш ќе продолжи со работа. Доколку е спротивното , нарушеното ќе се демонтира и ќе се прави нова конструкција. Позицијата која е руинирана, која се запали е позиција за која има распишано јавна набавка. Колку време ќе трае тоа, не зависи од нас, МВР се уште прави увид, сигурно ќе има вештачење од обвинителството или некои засегнати страни. Тоa е процес и на крајот ќе треба испитување на целиот материјал, односно на критичниот материјал кој беше најизложен на огнот,  рече еден од надзорниците.

Лазар Арсовски, сопственик на компанијата која ја вршеше реконструкцијата на Универзалната сала рече дека изгорени се елементи кои што треба да бидат дислоцирани од тој објект.

„Се што беше вредно, се што имаше некаква вредност и за во музеј, може да се искористи, уште во 2020 веќе беше извадено од салата. Во глобала во салата беа старите материјали, како иверица, стар челик, стар алуминиум. Универзална сала не изгоре, изгоре тоа што требаше да биде дислоцирано. Секоја штета што е направена ќе ја сносат нашите две компании.Новиот објект може брзо да се почне, ако биде увидена штета на новата челична конструкција ќе биде заменета за нова. Се додека е во наше владение проектот, ние тоа мора да го направиме и ќе го направиме. Уште еднаш да објаснам, овој пожар нема жртви и не направи некоја преголема штета на самиот проект и ако има таква ние ќе ја сносиме“, рекоа оттаму.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, по пожарот што ја зафати Универзална сала, изјави дека Министерството за култура ги чека наодите од Јавното обвинителство, од Министерството за внатрешни работи, од Државниот инспекторат за труд, и упати апел да не се шират шпекулации  за причините и за штетите од пожарот.

- Реклама -