Кокан Ајановски ја најавува неговата втора книга „Трчам за тебе“

Кокан Ајановски е одамна познат на тркачките патеки, а од 2020 година и во книжевните кругови. Автор е на книгата „Трчањето ме учи“. Преку пишувањето ја популаризира страста наречена трчање. Неодамна ја најави неговата втора книга „Трчам за тебе“ и со задоволство ги кани сите на неговата промоција на 16 април во 19 часот во хотел Сити парк.

„Поминаа 4 години и 2 месеци од издавањето на мојата прва книга “Трчањето ме учи”, а многумина од Вас бараа продолжение, па ете, наскоро ќе се случи и тоа! Однапред ви благодарам за Вашето присуство!Поканети се сите кои трчаат и оние кои не трчаат!
Спортски поздрав – најздрав“, пишува Кокан на неговиот фејсбук профил.

Првата книга „Трчањето ме учи“ е збирка текстови инспирирани и посветени на големата пасија на повеќекратниот државен шампион во трчање Кокан Ајановски. Тој ѝ е добро познат на јавноста по своите достигнувања на тркачките патеки – над 20 пати државен првак на Македонија во повеќе атлетски дисциплини – но и надвор од нив, како еден од амбасадорите на спортот кој секојдневно го популаризира и ја шири страста наречена трчање.

Овие кратки бисери се излезени од секојдневието на човекот за кого трчањето е многу повеќе од спорт – во трчањето Кокан ја пронаоѓа големата смисла на животот. Трчањето му е и животен учител чии лекции важат како на патеките така и надвор од нив. Сакајќи да сподели со вас дел од наученото, тој своите мали и големи откровенија ги пренесува на хартија, во текст полн со топлина и емоција.

Трчањето ме учи е книга полна со инспирација, мудрост, поуки, благодарност, љубов, и една посебна сила што постојано нè движи напред и нè поттикнува да истрчаме уште еден километар, да направиме уште еден напор – за да станеме подобри од она што веќе сме.

- Реклама -