Започна сезоната на лалиња во Холандија, најголемата градина ја слави 75-годишнината

Кеукенхоф, најголемата градина со лалиња во светот во близина на Амстердам, ги отвори вратите на 75-годишнината, а се очекуваат стотици илјади посетители да им се восхитуваат на милионите цвеќиња.

Лоциран во Лисе на западот на Холандија, паркот од 32 хектари е засаден со милиони шарени лалиња и други цвеќиња и е популарна атракција во земјата. Минатата година му се восхитуваа околу 1,4 милиони посетители.

Отворањето на паркот ја поттикна и акцијата на еколошкото движење Екстинкшон Ребелион, чии седум членови накратко протестираа голи пред портите на паркот против употребата на пестициди при одгледувањето лалиња.

„Овие прекрасни, шарени полиња ја кријат огромната штета предизвикана од одгледувањето лалиња. Инсектите, птиците и растенијата масовно умираат поради земјоделските токсини“, рече во изјавата Лидија Стеутел, портпаролка на Екстинкшон Ребелион.

Градината Кеукенхоф е основана во 1949 година од група одгледувачи и извозници на лалиња за да ги изложат своите производи. Покрај туристите од повеќе од сто земји, привлече и монарси, а неколку кралеви и кралици од европските земји присуствувале на гала-отварањата низ годините.

Оваа година, златно жолтото лале е именувано во чест на кралот Карл Трети. ќе биде една од атракциите на изложбата, која ќе биде одбележана и со концертот на холандската оперска пејачка Летиција Жерардс, по повод 75-годишнината на градината. Оваа година градината ќе остане отворена до 12 мај.

Превземено од „https://gradska.mk/zapochna-sezonata-na-lali%D1%9Aa-vo-holandi%D1%98a-na%D1%98golemata-gradina-%D1%98a-slavi-75-godishninata

- Реклама -