Жените имаат повеќе здравствени придобивки од редовното вежбање отколку мажите

Речиси сите имаат корист од редовното вежбање, но жените имаат поголема корист отколку мажите, особено кога станува збор за кардиоваскуларното здравје, покажа студија објавена во Journal of the American College of Cardiology.

Студијата исто така покажа дека жените со пократко времетраење на вежбање постигнале слични или поголеми здравствени придобивки од мажите, пренесува Medical News Today.

Дваесет години, научниците од Националниот институт за здравје на САД ја следеле здравствената состојба на голема група од 400.000 мажи и жени во САД.

Тие заклучиле дека жените кои редовно вежбале имале 24 отсто помали шанси да умрат предвреме од која било причина во периодот на студијата. Во исто време, тие имале 36 отсто помал ризик од смртоносен срцев удар, мозочен удар и други кардиоваскуларни проблеми во споредба со жените кои не вежбале редовно.

Според резултатите од истото истражување, мажите кои редовно вежбале имале 15 отсто помала веројатност за прерана смрт и 14 отсто помал ризик од фатален кардиоваскуларен исход во споредба со мажите кои претпочитале седечки начин на живот.

Така, студијата покажа дека жените имаат поголема здравствена корист од мажите од редовното вежбање во однос на намален ризик од смрт и кардиоваскуларни болести.

Колку треба да вежбате?

Научниците открија дека околу 300 минути умерена физичка активност или 110 минути енергична физичка активност неделно се доволни за мажите.

Жените кои правеле 140 минути умерени аеробни вежби неделно имале 18 отсто помал ризик од прерана смрт, додека само 57 минути енергични аеробни вежби неделно резултирале со 19 отсто помал ризик од смрт, што значи дека жените имаат поголема корист од пократките периоди на вежбање.

За да ги добијат истите придобивки од вежбањето како жените, мажите морале да вежбаат двојно повеќе од жените. Така, за 18 отсто помал ризик од смрт е забележан по 300 минути умерено аеробно вежбање неделно и 19 отсто помал ризик по 110 минути интензивно вежбање неделно.

- Реклама -