Малата физичка активност може да го зголеми ризикот од депресија и анксиозност

Резултатите од новата студија на британски научници објавена во списанието BMC Medicine јасно укажуваат дека ниската кардиореспираторна способност и слабата мускулна сила се поврзани со покревко ментално здравје и дека кај поединци можат да влијаат на развојот на симптомите на депресија или анксиозност.

Анализата на студија спроведена меѓу повеќе од 150.000 учесници покажа дека кардиореспираторната кондиција и мускулната сила одделно придонесуваат за зголемен ризик од покревко ментално здравје, но утврдена е најјасна врска кога биле вклучени двата фактора.

Во периодот од август 2009 година до декември 2010 година, научниците ја измериле физичката подготвеност на скоро 153.000 луѓе на возраст од 40 до 69 години. Тие го следеле срцевиот ритам пред, за време и по шестминутно вежбање со максимален интензитет на стационарен велосипед.

Покрај тоа, учесниците пополниле два стандардни клинички прашалници за депресија и анксиозност за да им овозможат на истражувачите увид во нивното ментално здравје. Седум години подоцна, испитаниците повторно ги пополниле истите прашалници.

Откако разгледале други фактори, како што се возраста, полот, претходните ментални проблеми, пушењето, нивото на приход, образованието и исхраната, истражувачите заклучиле дека дури и по седум години, постои јасна врска помеѓу почетната физичка подготвеност на учесниците и нивното ментално здравје.

Меѓу учесниците во студијата со низок кардиореспираторен капацитет и посиромашна мускулна сила, постоеле 98 отсто поголеми шанси за развој на симптоми на депресија и 60 отсто поголема шанса за развој на симптоми на анксиозност.

„Обезбедивме дополнителни докази за врската помеѓу физичкото и менталното здравје. Структурните вежби дизајнирани да ги подобрат различните видови физичка подготвеност се добри и за физичката и за менталната сила“, навел Арон Кандола, психијатар на Универзитетот во Лондон и главен автор на студијата.

Охрабрувачки е фактот дека физичката подготвеност може да се подобри релативно брзо – за само три недели.

- Реклама -