ИК и ЦК на ВМРО-ДПМНЕ: Мицкоски овластен да ги одбере кадрите за техничката влада

Иако ќе предложи свои членови во техничката влада партијата одлучила да се воздржи од гласање за неа, бидејќи како што вели Муцунски, под водство на Талат Џафери од ДУИ таа нема никаков легитимитет

ФОТО: Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада, односно ќе именува лица што треба да бидат министри и заменици министри, соопшти потпретседателот на партијата Тимчо Муџунски, по вечерашниот состанок на Извршниот комитет.

Но, како што рече Муцунски, Извршниот комитет заземал став да се воздржи од гласањето на техничката влада, која, како што додаде потпретседателот „под водство на Талат Џафери од ДУИ, нема никаков легитимитет, истата е само коалициски договор помеѓу СДСМ и ДУИ“.

Во однос на тоа кои лица ќе бидат предложени за учество во техничката Влада, Муцунски рече дека се очекува Централниот комитет на партијата да го овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од таа влада.

На новинарско прашање дали разговарале конкретно за кадровски решенија, Муцунски рече дека на актуелната седница првото прашење кое се отворило било дали да се учествува во техничката влада, но оти не се разговарало за имиња.

„Едногласно беше потврдено дека ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува во техничката влада бидејќи таа е Влада насочена примарно кон обезбедување фер и кредибилен изборен процес. Не се разговараше за кадровски прашања, но затоа го овластивме претседателот на партијата кој ќе има право да се консултира со Извршниот комитет и други истакнати членови на партијата, но и со пошироки општествени чинители за кои се најдобрите кадровски решенија кои ВМРО-ДПМНЕ секако ќе ги понуди за членови на таа Влада која има обврска да ги организира изборите“,

рече Муцунски.

За рокот до кога ќе се знаат нивните учесници во техничката влада, Муцунски рече дека крајните рокови ќе бидат оние кои се врзани до моментот кога ќе треба да се избере таа Влада, а тоа е крајот на јануари.

„Но очекувам, а и според најавата што ја имаме во внатрешните дискусии, дека по празникот Водици ќе има веќе некоја поголема извесност за кој ќе бидат и двајцата министри и тројцата дополнителни заменици-министри“,

додаде Муцунски.

Потпретседатлот на ВМРО-ДПМНЕ, по Извршниот комитет, рече дека на седницата освен овие одлуки биле изгласани и делегатите за Конвенцијата за избор на кандидат за претседател на Република Македонија.

„Согласно критериумите преку кои се бираат и застапеноста на структурата на партијата, делегати на конвенцијата ќе бидат вкупно 472 лица. Исто така, се комплетирани и составите на нашите Општински изборни штабови“,

додаде тој.

Исто така, Муцунски рече дека била донесена и одлука за формирање на комисија за преговори со актуелните коалициски партнери, но и сите останати политички партии кои ќе пристапуваат и ќе бидат дел од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Извршниот комитет, рече Муцунски, донесе одлука и за поднесување на иницијатива до Уставниот суд која е поврзана со законите поврзани со промената на личните документи. Со овие одлуки, додаде Муцунски, ВМРО-ДПМНЕ е комплетно подготвена за изборниот процес кој следува.

- Реклама -