Хистерија е поврзувањето на инцидентот во М-НАВ со ДУИ, вели вицепремиерот Груби

Првиот заменик-претседател на Владата најави дека ќе се повлече од политиката ако се потврди дека Омер Буњаку, кој е поранешен член на навивачката група „Шверцери“ и кој во 2020 година беше назначен за советник во неговиот кабинет, бил вмешан во упадот во зградата на М-НАВ

„Беким Незири воопшто нема учествувано во физички инцидент или пресметка ниту со Премтим ниту со кој било друг вработен во М-НАВ. Беким нема ниту отворано врати за да внесува банди однадвор. Напротив, сите се вработени во М-НАВ. Настанот нема апсолутно никаква врска со ДУИ. Настанот воопшто не се случил во контролната кула ниту во кујната како што е известувањето.“

Ова е коментарот на првиот вицепремиер Артан Груби што го изнесе во вечерашното гостување на Телевизија 24, во врска со инцидентот во М-НАВ кој се случи минатата недела.

Според Груби, целата јавност „хистерично реагирала“ дека настанот го загрозил контролирањето на авиосообраќајот.

„Излезе господинот Тунтев, директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, кој рече дека во ниту еден момент не е загрозен воздушниот сообраќај во земјава“,

вели Груби.

Тој, во расправија со водителката, праша дали знае што се случило воопшто во М-НАВ и дали има некоја снимка. Потоа додаде дека од тоа што го знае за настанот, сите што биле вклучени во тој инцидент се вработени во институцијата и сите биле на работните места. Како што рече, разговарал и со Беким Незири и со други што биле таму тој ден, вклучително и со Премтим, за да дознае што се случило од другата страна. И двајцата му биле другари, а се роднини меѓу себе, додаде вицепремиерот.

Повторувајќи ги сите изјави во одбрана на Беким Незири, Груби рече дека Премтим излегол сам од салата и се сретнале во ходникот, а не во кујната.

„Имаше невиден притисок врз судството, врз обвинителството од страна на полуинформирани новинари, медиуми, таканаречени во јавноста експерти и вакво нешто не сум видел, таква една хистерија во јавноста, навистина сум шокиран од начинот како се известуваше и како се правеше притисок врз судиите. Замислете, се објавуваа со име и со презиме, со анкетен лист во ДКСК, зошто одлучиле вака или така. Да го правевме тоа ние од политиката, сега ќе беше најголем скандал за нас. Апсолутно е неприфатливо таков притисок да се прави, било тоа да е од министер, новинар, медиум или од аналитичар врз обвинител или врз судија“,

додаде Груби.

На прашањето каде се останатите четворица кои биле дел од инцидентот, Груби рече дека воопшто и не знае кои се тие. На сугестија од водителката дека токму еден од нив му е другар, Груби рече дека тоа се повторно лажни вести. Во разговорот што на моменти беше хаотичен, водителката му посочи дека еден од нив бил и дел од инцидентите во 2011 година и го праша каде е Омер Буњаку. Станува збор за поранешен член на навивачката група „Шверцери“, кој во 2020 година беше назначен за советник во кабинетот на Груби.

На ова Груби одговори дека е лажна информацијата за учество на Буњаку во инцидентот и дека тој е во неговиот дом, а Обвинителството не го барало затоа што „не го бара“.

Додека емисијата одеше во живо тој го побара телефонски Буњаку и му укажа дека има обвинувања оти тој бил дел од инцидентот во М-НАВ. На ова, лицето кое телефонски говореше потврди дека е Омер Буњаку и рече дека таквите обвинувања се срамота, додавајќи дека или ќе дадат извинување или утре ќе ги тужи сите.

Прашан дали е поранешен лидер на навивачката група „Шверцери“, Буњаку рече дека бил член на таа група, а за тоа дали бил директор на ФК „Шкупи“ одговорот не можеше да се слушне поради вмешувањето во разговорот и на Груби кој рече дека следно што може да се побара е матичен број на Буњаку.

„Ова е срамота, ова е трагично за ова општество и за ова новинарство. Омер Буњаку ниту бил во М-НАВ ниту учествувал ниту е вработен во М-НАВ. Не може да застанете и да ја проверите веста туку три дена ја пумпате јавноста со лажни вести дека Артан Груби бил одговорен, дека Омер Буњаку бил одговорен, воопшто нема ниту една допирна точка, само да поврзете со ДУИ. Ова е резултат на хистеријата“,

рече тој.

Груби при обвинувањата за хистерија во известувањето праша дали ќе има извинување за обвинувањата дека Омер Буњаку бил дел од инцидентите.

„Јас најодговорно велам дека ако Омер Буњаку бил дента таму, ако учествувал во тоа, јас денеска давам оставка од секоја позиција во политиката и никогаш нема да се занимавам со јавна функција“,

рече Груби.

Според вицепремиерот, Беким Незири, без разлика дали е претседател на огранок на ДУИ, во приватно својство може да прави што сака и ќе си одговара за тоа.

„Тој не отишол таму како претседател на огранок на ДУИ, ниту како претставник на ДУИ, тој отишол таму како вработен советник на директорот“,

рече Груби.

Таму, според него, има недоразбирања околу политиките коишто ги води синдикатот и раководството на М-НАВ и различни ставови меѓу вработените што, како што рече, има впрочем и секаде.

Во интервјуто, Груби обвини и дека имало притисок врз судиите, дури и од негови колеги од Владата, од политички партии кои, како што рече – „си дозволија себе си да коментираат и да му кажуваат на судот како да одлучи“.  

- Реклама -