УСТАВЕН СУД ДЕФИНИТИВНО ЗАСТАРИ ОКОЛУ 350.000 ПРЕДМЕТИ СО МИЛИОНСКИ ДОЛГОВИ КОН ФИРМИ И ГРАЃАНИ

Пишува: ГОРАН ТЕМЕНУГОВ за Пари.ком.мк

Уставниот суд на седницата на 10.01.2024 година реши да не поведува постапка за оценување на Законот за измена на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување. Со ова, според неофицијалните проценки, дефинитивно застаруваат околу 350.000 предмети кои до 2013 година се дадени на извршување од страна на компаниите, но и на граѓаните. Според информациите, одлуката не е донесена едногласно, а дел од уставните судии сметале дека измените на законите за облигациони односи и за извршување, со кои предметите застаруваат после 10 години и каматата не може да го надмине износот на главниот долг, е против уставна.

„Точно е дека имаше различни гледишта по однос на двата закона кои беа изнесени на седницата, едни го поддржаа рефератот кој гласеше да не се поведе постапка, а дел од судиите дадоа свои согледувања дека оспорените закони не се во согласност со Уставот“, велат од Уставен суд за www.pari.com.mk .

Сепак, минимум петмина судии гласале да не се поведува постапка.

Оценка на уставноста бараа 15 подносители на иницијативата, а меѓу нив беа Стопанската комора, банките, телекомуникациски и енергетски компании, но и повеќе адвокати.

Фирмите и стопанствениците сметаат дека со измените на двата закони ќе претрпат милионски загуби, бидејќи ќе се отежне наплатата на долговите меѓу самите фирми, но и фирмите и должниците граѓани. Исто така, проблеми ќе се јават и при наплата на побарувањата што ги имаат граѓаните од други граѓани, како што е во случај со алиментација за издршка на дете или кога должникот намерно го одолговлекува плаќањето кон оној кој му позајмил пари.

Инаку, компаниите во иницијативата за утврдување на уставноста на измените на овие два закона, за кој Уставниот суд донесе одлука дека нема да ја разгледува го наведоа следново:

„Директно се повредува можноста и правото на правна заштита на имотниот интерес на доверителите, со што се влијае на нивната ликвидност и солвентност.

Овие измени предизвикуваат огромна материјална штета и загуби за доверителите и предизвикуваат целосна правна несигурност за странските инвеститори“.

Ставот дека ако се усвојат измените на двата закони ќе се создаде правна несигурност го делеше и владата која на седница на 04.07.2023 му препорача на Собранието да не ги носи измените кои беа предложени од група пратеници. Беше наведено дека „сериозно се нарушува концептот на владеење на правото во државава и затоа Собранието не би требало да ги усвои измените“ на двата закона. Сепак, измените се изгласаа на 18.07.2023 година, или осум дена откако мислењето на Владата беше доставено до Собранието и до пратениците.

Но, за вчерашната седница на Уставниот суд, владата не дала никакво мислење.

„Во конкретниот предмет беше побарано мислење од предлагачот и доносителот на актите, односно и од Владата и од Собранието, меѓутоа до Уставниот суд не беше испратен одговор од нив“, велат од судот.

До Владата испративме прашања дали е сменет нивниот став околу правната несигурност која би настана со измените на двата закони, за облигациони односи и за извршување. Засега не добивме одговор.

ИЗВОР

- Реклама -