Ковачевски: Има држави кои не субвенционираат цена на струја, ние проценивме дека граѓаните нема да бидат во можност да ги платат своите сметки

Доколку АД ЕСМ им продаваше на граѓаните електрична енергија по пазарна цена тогаш ќе имаше добивка од 220 милиони, а не загуба од шест милиони евра, но граѓаните немаше да можат да ги платат своите сметки за електрична енергија бидејќи ќе беа за 90 проценти поскапи, истакна денеска премиерот Димитар Ковачевски.

-Има држави кои не субвенционираат цена на електрична енергија. Во Германија, во Белгија цените и на топлинска и на електрична енергија се петпати зголемени во однос на тоа што беа пред кризата. Тие проценија дека нивните граѓани можат тоа да го издржат со оглед на примањата коишто ги имаат, заштедите коишто ги имаат итн. Нашите проценки базирани на факти кажуваат дека доколку се определи пазарно цената на електрична енергија таа ќе биде неколкукратно поголема, граѓаните нема да бидат во можност да ги платат своите сметки на ЕВН, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Универзитетска клиника за ортопедски болести заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити.

На тој начин, додаде, ЕВН немаше да биде во можност да ја плати електричната енергија која што му ја испорачува ЕСМ, бидејќи нема да биде во можност да ги добие парите од своите финални корисници, а ЕСМ, пак, немаше да може да ги плати своите добавувачи.

-На таков начин за 90 дена целиот систем станува неликвиден и државата може да се соочи со недостаток на електрична енергија. Затоа се пристапи кон субвенционирање на граѓаните, а не на ЕСМ, бидејќи ова е субвенционирање на електрична енергија која што ја користат граѓаните, додека ЕСМ произведува електрична енергија и не користи електрична енергија. Затоа во изминатиот период беа направени трансфери по основ на докапитализација или по други основи за да може да се одржи ликвидноста на ЕСМ, со цел граѓаните и малите потрошувачи – 70 илјади компании во државата да добијат субвенционирана цена на електричната енергија, прецизира Ковачевски.

Ние, како што кажа, во моментов работиме со субвенционирана цена на електрична енергија, веќе неколку години по ред, која што практично се финансира од Буџетот на државата.

-Меѓутоа, во либерална економија ќе мора државата да се движи кон пазарно ориентирани цени се разбира во момент кога ќе бидат целосно стабилизирани енергетските пазари. Консолидацијата на енергетскиот систем значи и регионално поврзување, бидејќи многу тешко е мали држави да имаат целосно своја самостојна консолидација на електроенергетскиот систем. Тоа ќе значи поврзување преку трансбордер капацитети коишто ќе треба да се прават преку нашиот државен електропреносен систем, така што многу работа ќе има во електроенергетскиот систем која што ќе треба добро да се обмисли и да се работи со стратешки партнери за да не се доведеме во ситуација да имаме партнери на коишто не можете да се потпрете во време кога би имало криза, потенцира Ковачевски.

- Реклама -