Миа Шириќ: Победничкиот архитектонски проект не е резултат на индивидуални креативни гении, туку е резултат на тимска работа

Асоцијацијата на архитекти на Македонија (ААМ) вчера ја додели наградата „Андреја Дамјанов“ за животно дело од областа на архитектурата и градителството. Наградата се доделува на државјанин на Р.Северна Македонија, како признание за животно дело, особени достигнувања и личен придонес во развојот на архитектурата и градителството.

Пристигнатите предлози беа разгледани од петчлена комисија избрана од Управниот Одбор на ААМ на чело со Претседателот на комисијата, Миодраг Радоњиќ. Комисијата е составена од пет члена кои се членови на Асоцијацијата на Архитекти на Македнија и на Архитектонската Академија на чело со претседателот Миодраг Радоњиќ.Еден член на комисијата е од редот на добитниците на наградата “Андреја Дамјанов“.

Добитникот на наградата “Андреја Дамјанов“ станува член на Архитектонската академија на ААМ.

„На конкурсот се јавија само две апликации, независно од тоа немаме ние пропишано, минимум или максимум, комисијата заклучи дека се вредни да се евалуираат и да се оценат, со тоа што и двете апликации беа доволно добри“, изјави Мишко Ралев, претседател на Асоцијацијата на Архитекти на Македонија.

Мишко Ралев, претседател на ААМ

На прашањето кои аспекти беа важни при евалуирање на пристигнатите апликации, Ралев одговори: „Секако, секогаш се гледа иновативноста, проектната програма, односно комплексноста на програмата, а со тоа и на содржината, на функционалната поврзаност на зоните, просторите и просториите и се разбира она што е актуелно во светот на архитектурата да е применето во материјализација, конструкција, по однос на заштита на човековата средина. Тоа се оние критериуми кои секоја една вредна архитектура треба да ги поседува.“

Наградата се состои од плакета, голема годишна награда и мала парична награда од Асоцијацијата на Архитекти на Македонија.

Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија

Големата годишна награда за реализирано дело од областа на архитектурата, традиционално се организира под покровителство на Претседателот на Република Македонија. И овој пат, претседателот на државата, Стево Пендаровски, ги поздрави присутните со поздравен говор и ја потенцираше важноста на архитектурата во историски и општесетвени рамки. Потоа тој ја врачи наградата на тимот во состав од тројца архитекти: Миа Шириќ, Дејан Секуловски и Илија Божиновски за Проектот за Изложбен – дистрибутивен центар со магацин БАЛКАНИЈА.

Проектот е дело на студио Синдикат и се наоѓа во индустриската зона Визбегово.

Противкандидат на овој проект беше архитектонски проект на приватна станбена куќа што се наоѓа во Соње.

Дејан Секуловски и Илија Божиновски се и претходно добитници на оваа награда и тоа за спомен куќата на Тоше Проески во Крушево во 2011 година.

На прашањето, зошто е толку мал интересот на архитектите за да се пријават на овој конкурс, Миа одговори дека навистина не и е јасно зошто, бидејќи претходно на биеналето на архитекти имало дваесетина пријавено.

Миа Шириќ, архитект

„Проектот е работен не само од страна на архитекти туку тим на проектанти од сите фази потребни да се изведе еден ваков објект. Идејата беше да се обединат повеќе функции во една целина на изложбено дистрибутивен центар за плочки и санитарии со магацински простор кој по ништо нема да биде стандардно решение на какви  сме вообичаено навикнати . Соработката со инвеститорот беше многу лесна, едноставно ни веруваше и ни оставија комплетно да го реализираме проектот“, изјави Миа Шириќ, од победничкиот тим.

Уметноста на архитектурата не се изградува само од индивидуални креативни гении, туку е резултат на колективните напори и технолошки иновации на општеството. Тие стануваат сведоци на културните наследства и идентитетите, креирајќи слоеви од историски седименти што го одбележуваат временскиот тек. Историјата на архитектурата го одбележува успехот или неуспехот на општеството, претставувајќи го тоа како амблем за неговите идеи и движења во името на заедницата.

- Реклама -