120 години од издавањето на „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков

Денес се навршуваат 120 години од издавањето на капиталното дело на Крсте Мирисков – За македонцките работи. Книгата е објавена на 25 декември 1903 година во Софија, а испечатена е во печатницата „Либерален клуб“.

Книгата на Мисирков е прв сериозен обид за научен пристап кон стандардизацијата на македонскиот јазик, правописот и азбуката. Како основа на јазикот, Мисирков ги зема централните македонски говори, за што Конески ќе каже: ,,Најважно е тоа што и без непосредно користење на Мисирков, нашите решенија од четириесет и петтата година, главно, се движат во тој круг, каде што и тој ги бараше решенијата на својот проект. Тоа значи дека е тоа еден процес, што во одредени моменти на својата кулминација, доведува до слични решенија. Најважното беше што Мисирков за основа на нашиот литературен јазик ги земаше централните говори. А тоа прашање воопшто не се дискутираше кај нас четириесет и петтата година. Тоа се подразбираше”.

Освен со прашањата поврзани со јазикот, Мисирков во книгата се осврнува и на политичката состојба настаната по крахот на Илинденското востание, за кое во поглавјето „Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред“ вели дека е една од најголемите, ако не и најголема несреќа на нашиот народ.

Исто така, Мисирков нуди и научно – теоретски погледи за самобитноста на македонскиот народ, како посебен народ од словенската група.

- Реклама -