Астронаутите го пронајдоа доматот изгубен на вселенската станица пред осум месеци (ВИДЕО)

Астронаутите на мисијата „Експедиција 70“ оваа недела во директен пренос ја прославија 25-годишнината од постоењето на Меѓународната вселенска станица (МВС). Притоа соопштија едно не толку големо, но важно откритие, особено за еден нивни колега кој беше на МВС пред нив.

За време на преносот во живо, администраторот на американската вселенска агенција НАСА, Боб Камана, се шегуваше како „во негово време“, кога тој ја напуштил МВС, зад себе оставил сè хирушки чисто и средено (астронаутите често губат предмети со оглед дека поради отсуството на гравитација лесно може да им одлебдат во некое скриено ќоше). Но со текот на времето и по 275 лансирања, констатираше тој, сигурно горе се насобрал многу неред, па ги праша астронаутите дали можеби и тие изгубиле нешто на вселенската станица што сè го уште бараат, или можеби „кријат нешто за идните екипажи“, или па нашле нешто што некој друг изгубил.

По реакцијата на астронаутите на прашањето, јасно беше дека веднаш знаат што ќе одговорат. Командантот на мисијата, Џазмин Могбели, по кратка невербална консултација со колегите, насмеана од уво до уво, се пофали дека ја решиле мистеријата на „исчезнатиот домат“, кому не можеа да му најдат трага цели осум месеци.

„Најдовме нешто што некој го бара долго време. Нашиот пријател Френк Рубио, кој е дома, долго беше обвинуван дека го изел доматот. Но сега конечно можеме да го обелиме неговиот образ. Го најдовме доматот“, рече задоволно Могбели, заедно со целиот тим.

Доматот беше дел од експериментот Veg-05 (од vegetable – „зеленчук“) за кој задолжен беше токму Френк Рубио, кој воедно стана и Американец со најдолг престој во вселената. По преносот во живо на кој го презентираше „првиот домат одгледан во вселената“, Рубио, како што самиот вели, од „човекот кој го одгледа првиот домат“ стана „човекот кој го изгуби првиот домат одгледан во вселената“. Оттогаш шегата беше дека поради долгиот престој му се присакало да си касне домат и не можел да одолее. Но тој категорично демантираше дека сторил такво нешто и објаснуваше дека откако го покажал на камера, го залепил со леплива трака (за да не одлебди) но кога се вратил го немало на местото. И покрај потрошените, според него, над 20 часа од неговото слободно време на МВС, не успеал да го најде.

- Реклама -