Ковачки: Системот „Безбеден Град“ го лоцирал возилото со кое била киднапирана Вања на 24 и 25 ноември во Маџари и на 27 ноември на најобезбедуваната локација кај хотелот Александар Палас

„Оливер Спасовски е должен да и одговори на македонската јавност зошто на 4 декември за време на неговата прес-конференција, излажа дека возилото на Панче со кое е киднапирана Вања, не било регистрирано во системот на камери ‘Безбеден Град’ пред 27 ноември, односно пред денот на убиството“, изјави пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, на прес-конференција.

„Неколку дена по ред го прашуваме министерот Спасовски, а истиот одбива да одговори за очигледниот и фатален пропуст на МВР чија последица е киднапирањето и убиството на девојчето Вања“, рече тој.

„Јавно го прашуваме министерот Спасовски дали возилото е регистрирано на камерите пред 27 ноември, односно на 24 ноември во 6:30 на влезот во Скопје кај Маџари на мостот кај Агросервис?

Понатаму, дали возилото е забележано од камерите на ‘Безбеден Град’ на истата локација и следниот ден, на 25 ноември во 21:15 часот?

Конечно, дали возилото е забележано на камерите кобниот ден на 27 ноември во 7:42 наутро кај Александар Палас и Злокуќани и како е можно да тоа возило неконтролирано да помине низ најобезбедуваната локација во Македонија во тој момент, а можеби и во регионот поради непосредните подготовки на Советот на ОБСЕ“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оливер Спасовски е должен, рече Ковачки, да одговори како е можно возило кое е пријавено дека е исчезнато 5 дена пред киднапирањето на Вања, а за кое тој тврдеше дека не знаеле, да помине покрај 40 камери на ‘Безбеден Град’ , Министерството за одбрана и на други субјекти.

- Реклама -