Неколку предмети и производи што не смеете да ги оставате во автомобилот во текот на зимата

Како што веројатно на сите им е познато, некои предмети и производи не ја поднесуваат добро зимата и можат да се расипат, оштетат, но и да предизвикаат штета. Автомобилските експерти од CarMoney направија листа од неколку такви предмети и производи кои можеби сте во искушение да ги оставите во автомобилот, но можат да ве чинат многу, ако не во пари, тогаш во нерви или уште пострашно, во здравје.

ЛЕКОВИ

Многумина ги оставаат секојдневните лекови во автомобилот како потсетник да ги понесат со себе додека ги обавуваат секојдневните обврски или „за секој случај“ ако одат на подолго патување. Но, оставењето на лекови во автомобило преку ноќ во текот на зимата може да ја намали нивната ефикасност.

Цврстите таблети и капсули веројатно би претрпеле најмало оштетување, но течните и лековите за инјекции можат да поминат сериозни промени со ниските температури. Секогаш чувајте ги лековите на собна/препорачана температура и не ги оставајте во автомобилот да преноќат на ниски температури.

ОЧИЛА

Ако ги оставите своите очила за читање или дури и очилата за сонце во автомобилот во текот на зимските месеци, може да откриете дека лесно ќе се скршат.

Екстремно ниските температури можат да ги оштетат леќите предизвикувајќи нивно ширење и собирање, правејќи ги рамките подложни на пукање. Ако веќе сте решиле да ги чувате очилата во автомобилот, чувајте ги во добро заштитена футрола.

МУЗИЧКИ ИНСТРУМЕНТИ

Секогаш внесувајте ги музичките инструменти дома (не ги оставајте во автомобилот) за да избегнете ненамерно оштетување од студ.

Виолините, гитарите, виолончелата и други дрвени инструменти се чувствителни на собирање и ширење на ниски температури, што може да ги оштети или да предизвика кршење на споевите и лепилата, и лесно да завршат неупотребливи.

БАТЕРИИ

Ако сте во искушение да чувате пакување батерии во автомобилот „за недај боже“, размислете повторно, за да не се соочите со сознанието дека батериите останале без енергија поради ниските температури токму во моментот кога ќе ви затребаат. Ниските температури влијаат на електрохемиските реакции во самите батерии, а алкалните можат и да прснат или да истечат.

ЛАПТОПИ И ТЕЛЕФОНИ

Како и со батериите, оставање на лаптоп компјутери и други електронски уреди е лоша идеја поради нивните внатрешни литиум-јонски батерии кои можат да бидат загрозени од студот. Скапата електроника, секако, не е паметно да ја оставате во автомобилот, особено преку ноќ, и од безбедносни причини.

ВОДА ВО ШИШЕ

Течностите во шишиња можат да замрзнат и пукнат, создавајќи голема штета. Незатворените шишиња вода оставени во автомобилот се подеднакво лоша идеја и таа вода, секако, не е паметно да се пие, од причина што не знаете колку микробактериски честици има во водата оставена на различни температури.

СПРЕЈОВИ

Можеби ви звучи примамливо да чувате дезодоранс во фиоката кај совозачкото седиште, но аеросолите можат да станат опасни ако се изложени на посебно ниски температури. Таквите температури можат да предизвикаат дестабилизиција на канистерот под притисок и да доведат до пукнатини или дури и експлозија на спрејот. Тоа важи и за лак за коса, боја во спреј или WD-40.

ХРАНА ВО КОНЗЕРВА

Ниските температури можат да го нарушат одржувањето на храната свежа. Замрзнувањето може да предизвика ширење на конзервираната храна, што може да доведе до пукање на конзервата или деформација на капакот. Ако капакот е во ред, можете конзервата да ја одмрзнете, но внимавајте, ако храната лошо изгледа или лошо мириса, не ризикувајте и не ја јадете.

ГАЗИРАНИ ПИЈАЛОЦИ

Омилената лименка пијалок не смее да биде оставена во автомобилот преку ноќ на температури под нулата, бидејќи носи ризик од голем неред кога лименката ќе експлодира (нешто што веројатно сте го искусиле, дури и со пластично шише, во домашниот замрзнувач ако сте го заборавиле сокот предолго). Причината е што газираниот пијалок се проширува додека замрзнува и создава притисок на C02 одвнатре, предизвикувајќи пукање на лименката.

БОИ И ЛАКОВИ

Ако планирате да ги најдете употребливи, зимово извадете ги од автомобилот. Ниските температури можат да влијаат на состојките во бојата, а замрзнувањето, ширењето, одвојувањето и седиментацијата можат да ја направат целосно неупотреблива.

- Реклама -