Ердоган: Нетанјаху изврши едно од најголемите ѕверства на векот

Турција ќе ги зајакне дипломатските напори за ослободување на заложниците и воспоставување траен прекин на огнот во Појасот Газа, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Во обраќањето до парламентарната група на неговата Партија на правдата и развојот (АК), Ердоган рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху извршил едно од „најголемите ѕверства“ на векот и дека влегол во историјата како „касапот на Газа“.

Тој смета дека неодамнешните најави на владата на Нетанјаху ги намалуваат надежите дека сегашната хуманитарна пауза во Појасот Газа ќе се претвори во траен прекин на огнот.

Зборувајќи за хуманитарната помош на Турција за Појасот Газа, Ердоган рече дека вториот хуманитарен брод со 1.500 тони хуманитарна помош ќе заплови подоцна денеска.

Хамас го нападна Израел на 7 октомври, убивајќи околу 1.200 луѓе и земајќи околу 240 заложници. Како одговор на тој напад, Израел го бомбардираше Појасот Газа и започна копнена офанзива на северот на енклавата. Околу 14.800 Палестинци се убиени, соопштија здравствените власти во Газа, а стотици илјади се раселени.

МИА

- Реклама -