Албанската опозиција за крстот на Попова Шапка: Нема да дозволиме провокации со верски симболи заради создавање меѓуграѓански конфликти

Претставници на партиите кои го сочинуваат Европскиот сојуз за промена денеска на прес-конференција истакнаа ставови во однос на поставувањето на крст во дворот на манастирската црква „Свети Наум Охридски“ на Попова Шапка. Тие тврдат дека се за право на вера, но сметаат дека поставување верски симбол е провокација.

„Вчера бевме сведоци дека на Попова Шапка се постави еден гигантен крст. Овој непромислен акт ја вознемири јавноста. Свесни за овој момент и имајќи ги во предвид сценаријата кога властите ги искористиле емоциите на граѓаните за да создадат меѓуетнички и меѓурелигиски тензии, денес сме тука да изјавиме дека Ние – челниците на субјектите на Европскиот Сојуз за Промени, ниту сме биле, ниту ќе бидеме против верските симболи на било која вероисповед, но нема ниту да дозволиме никој да ги злоупотребува овие симболи за да создава меѓуграѓански конфликти, бидејќи верските симболи секогаш пренесуваат пораки за мир, а не за конфликти“, истакна Биљал Касами, во име на Европски сојуз за промена.

Касами посочи дека на Попова Шапка веќе има по еден култен објект на муслиманите и на православните и тоа, подвлече, до денес никому не му пречило. Според него, со поставувањето на крстот вчера, се создава впечаток дека некој намерно има за цел да создаде инциденти и да створи нови тензии меѓу граѓаните.

„Ја повикуваме Комисијата за Односи со Верските Заедници, Македонската Православна Црква, Охридската Архиепископија, односно Тетовската Митрополија, согласно нивните надлежности да преземат мерки и самите да го тргнат овој крст, и да не дозволат верата да се трансформира во инструмент на создавање тензии меѓу нашите граѓани. Воедно, го повикуваме Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам, како орган со директни овластувања во оваа работа, да постапи што е можно побрзо согласно своите должности. Знаеме дека оваа институција е под раководство на ДУИ и доколку не постапат ќе ги сметаме за тивок партнер со македонските партии, порано со ВМРО-ДПМНЕ, сега со СДСМ, и ги повикуваме итно да се приклучат на постапот врз своите законските обврски, бидејќи таквите провокации се непростливи за никого“, рече Касами.

Од Сојузот сметаат дека ваквото поставување на култни објекти, без одобрение, без план и со наметнување, отсекогаш се сфаќало како провокација и предизвикувало неповолни сцени.

Тој испрати повик до ДУИ и сите македонски партнери да престанат да ги злоупотребуваат верските симболи за да добијат дневни политички поени, под итно да излезат во јавноста и да побарат од властите на Македонската Православната Црква да го тргнат крстот, и како што смета Касами, на овој начин ќе се создадат услови да се развие меѓусебното почитување и соживот.

МИА

- Реклама -