Сијарто: Зголемувањето на таксата за транзит на природен гас од страна на Бугарија претставува чекор на непријателство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи и неговиот унгарски колега Петер Сијарто, на денешната средба во рамките на неговата работна посета на земјава, разговарале и за зголемувањето на таксите за транзит на природниот гас од страна на Бугарија, информираа тие на заедничката прес-конференција.

Според Сијарто, ваквиот потег на Бугарија е чин на непријателство.

„Неодамнешниот чекор што го презеде Бугарија, кога со ултиматум ги зголеми давачките за Унгарија, Србија и Северна Македонија, односно таксите за транзит за природниот гас, претставува чекор на непријателство. Ние ќе преземеме дополнителни чекори и дејствија во однос на оваа состојба. Ја започнавме прекршочната постапка на ЕУ кон Бугарија и денеска заедно со Османи се договоривме дека Владата на Северна Македонија и унгарската Влада ќе се консултираат и ќе продолжат да ги координираат сите понатамошни чекори, за да се осигураме дека енергетската безбедност на ниедна од нашите земји нема да биде загрозена од дејствијата на Бугарија“, додаде Сијарто.

Османи, пак, се надоврза дека станува збор за нелегално воведена такса која што е спротивна на европските правила, и со тоа, како што рече, ѝ се наштетува на економијата на нашата земја во сегашниот критичен период.

„Ние ја информиравме Европската Комисија и разговаравме за можен координиран пристап во преземање на иницијативи со цел да се отстрани оваа нелегално поставена такса“, додаде Османи.

Извор: МИА

- Реклама -