Според германска Статистика, Македонија има најниски трошоци за живот во Европа

Трошоците за живот во Македонија се за повеќе од половина пониски од Германија, констатирал германскиот завод за статистика – Дестатис, објави „Дојче Веле“, пренесува МИА. Поевтино од Македонија, се наведува, е само во Турција.

Според податиците на Дестатис, Македонија е меѓу најевтините земји во Европа и е рекордер по ниски цени во многу категории.

Германските статистичари ги анализирале цените на голем број производи и услуги во различни категории во 40 европски држави. Заклучно со март годинава, Македонија била делумно поскапа само од Турција, а поевтина од сите други земји на европскиот континент.

Како што е наведено, анализирани се цените на храна, пијалоци, тутун, облека, енергија, транспортни трошоци, телекомуникации, културен живот и забава, како и хотели и ресторани. Речиси во сите категории Македонија нуди меѓу најниските цени, а во некои категории е и убедливо најевтина, констатирал Дестатис.

За основа на истражувањето се земени цените во Германија и тие се појдовна точка (100%) од која се прави споредбата со други држави.

Севкупно, во сите категории, цените во Македонија се на ниво од 49% од цените во Германија – или обратно, тие се за 51% поевтини. Генерално е поевтино само во Турција каде нивото на цените е 39 отсто од германските.

Најевтини цигари и храна

Меѓу примерите, наведени се храната и безалкохолните пијалоци – во Македонија, имено, тие биле 62% од просекот во Германија, што ги прави најевтини меѓу сите 40 европски земји. Тука се пресметани просечните цени на леб, месо, риба, млечни производи и јајца, масло и маслени производи. „Убедливо најевтини“ во Европа биле и цените кои ги имаат овошјето, зеленчукот и компирите во Македонија. Тие се на ниво од 45% од цените во Германија. За споредба, според податоците на Дестатис, во регионот на Балканот цените во Србија се на ниво од 86% од германските, во Хрватска – 76%, во Грција – 67%, а во Албанија – на ниво на 77% од германските.

Цигарите и производите од тутун, се наведува, поевтини се само во Турција. Цените во Македонија на тутунот се на ниво на речиси една третина од цените во повеќето членки на ЕУ, а во однос на некои држави се поевтини и за пет пати. Истото било случај и со облеката и чевлите. Поевтини цени во тие сектори на европско тло имала само во Турција, иако цените во Македонија не се далеку од европскиот просек.

Во делот на енергетиката – каде се пресметуваат цените на струјата, гасот и други горива, четири европски држави биле поевтини од Македонија: Турција, Србија, Албанија, Црна Гора, додека Унгарија има идентични цени.

Најевтин е одмор во Албанија

За телекомуникациски трошоци, помалку од македонските граѓани плаќаат само Турците, Полјаците и Романците, утврдил Дестатис. Шест европски држави имаат поевтини алкохолни пијалоци од Македонија, и тоа: Унгарија, Германија, Австрија, Италија, Полска и Романија.

За хотели и ресторани, помалку од Македонија ќе треба да одвоите доколку одите во Турција, Бугарија или Албанија. Сепак, она што ќе го платите во Македонија за тие услуги е 51 процент поевтино од Германија, и повеќе од двојно помалку од земји како Швајцарија, Исланд, Норвешка или Данска.

Цените на хотелските и ресторанските услуги во Грција, како традиционална дестинација за одмор на македонските граѓани, се на ниво од 79% од германските, или точно 30 проценти повисоки од оние во земјава.

Во Хрватска е нешто поскапо – таму за овие услуги ќе платите 34 отсто поскапо од дома. Најевтино е во Албанија и Турција, каде ќе минете за 5 проценти поевтино одошто во Македонија, според податоците на германскиот завод за статистика.

Извор: МИА

- Реклама -