САД и Русија разменија затвореници: Кошаркарката Грaјнер во замена за рускиот „трговец со смртта“

Русија ја ослободи американската кошаркарка од WNBA лигата (и носителка на два златни олимписки медали) – Бритни Грејнер, која во август рускиот суд ја осуди на 9 години затвор за „поседување и трговија со значителна количина дрога“, откако на 17 февруари годинава беше приведена на руски аеродром поради помалку од еден грам масло од канабис (што во Русија се смета за наркотик и е нелегално) во нејзиниот багаж.

Грејнер е „ослободена“ во рамки на договорот за „еден на еден“ размена на затвореници меѓу Русија и САД, а во замена за меѓународниот трговец со оружје Виктор Бут, јавија американските медиуми.

„Предмалку зборував со Бритни Грејнер. Таа е на безбедно. Таа е во авион и си оди дома“, соопшти американскиот претседател Џо Бајден на Твитер.

Администрацијата на Бајден беше под голем притисок да обезбеди ослободување на Грејнер. Нејзината размена за Бут се смета за делумен, но барем некаков успех по повеќемесечните преговори со Москва. Многумина се надеваа дека Бут ќе биде разменет за двајцата Американци, Грејнер и екс-маринецот Пол Вилан, осуден за наводна шпионажа во Москва, кој веќе четири години е во затвор. Сепак, Русите се држеа до формулата „еден за еден“. Очигледно, Грејнер имала предност.

Како што објавија од Белата куќа, Бајден зборувал со кошаркарката од овалната соба, а во придружба на сопругата на кошаркарката – Черел Грајнер, потпретседателката Камала Харис и државниот секретар Ентони Блинкен.

Договорот за размена на затвореници бил финализиран минатата недела, а размената се извршила во Обединетите Арапски Емирати.

За да осигура ослободување на Грејнер, Бајден нареди Бут да биде ослободен и вратен во Русија. Тој потпиша уредба за помилување, со што ја скрати 25-годишната затворска казна на Бут, осуден за заговор за продажба на оружје на лица кои имале планови да убиваат Американци.

Бут е познат и како „трговец со смртта“, а неговиот лик е одглумен од актерот Николас Кејџ во холивудскиот филм „Господар на војната“.

Коментирајќи го ослободувањето на кошаркарката, американскиот претседател истакна дека САД продолжуваат со напорите да се врати дома и поранешниот маринец.

„За жал, и од целосно незаконски причини, Русија гледа на случајот со Пол поинаку отколку на случајот со Бритни. Можеби засега не ни успеа да направиме ослободување на Пол, но не се откажуваме. Никогаш нема да се откажеме“, изјави Бајден, потенцирајќи дека приоритет на неговата администрација е враќање на Американците задржани во странство.

За Грајнер, Бајден потенцираше дека „преживеала неправедна траума“ и „ќе ѝ треба време да се соземе“. Притоа, тој ги повика американските граѓани кои патуваат во странство да се придржуваат до советите и предупредувањата на Стејт Департментот околу можните ризици да бидат задржани во странски земји.

Извор: МИА

- Реклама -